Вевчани, 17. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во Клубот на пензионерите во Вевчани, вечерва се одржа промоција на книгата „Вевчани, во срце те носам“ од авторот Отец Зоран Попоски.
Настанот беше дел од богатата програма на манифестацијата „Вевчанско културно лето ВЕВКУЛ 2025“, која оваа година се одржува под мотото „80 години македонска азбука и правопис – 80 години Република Македонија во светот“. Оваа манифестација продолжува со својата традиција на промовирање на локалното културно наследство и современото творештво, како што беше случај и со Вевкул 2024, кога беа промовирани повеќе значајни дела, меѓу кои и монографијата „Свети исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска“.
На денешната промоција на книгата „Вевчани во срце те носам“ присуствуваа бројни љубители на пишаниот збор, жители на Вевчани и гости, меѓу кои и претставници на локалната самоуправа и културни работници. Атмосферата беше исполнета со топлина и почит кон делото на авторот. Програмата ја водеа Сашо Бетоски и промоторот Мишо Китаноски, новинар и активист за култура.
– Во нашето преубаво Вевчани, од памти век имало Вевчанци меѓу печалбарите… Ние, сите генерации на деца во минатото растевме без татковата рака да не гали на нашите глави, додека детските солзи ни течеа како бистрата вода од нашата река Матица, порача во својот емотивен и прониклив осврт Китаноски кој ја истакна длабоката емотивна и книжевна вредност на поетските циклуси, цитирајќи делови од својот текст.
Тој нагласи дека поезијата на Отец Зоран Попоски е „исполнета со емоции, но и таги и патила поради разделбата со сите нив и со сите нас“, и дека книгата е „и крик со тревожни звуци и вознемиреност, немир и трепет за сето она не само што катадневно ни се случува, туку треба да се знае и за век и веков памети, дека аманетот и амајлијата што секој треба да си ја сака и носи и за секогаш… дека треба искрено домот и татковина да се љубат и да се бранат… Вевчани и Македонија.“ Китаноски исто така го истакна значењето на книгата за збогатување на Вевчанскиот книжевен круг, кој брои над триесетина автори.
Исидора Бетоска читаше стихови од делото и со својата инспиративна интерпретација ги оживеа стиховите, внесувајќи дополнителна емотивна димензија во претставувањето на книгата.
Авторско обраќање имаше и Отец Зоран Попоски кој сподели лични размислувања и емоции за процесот на создавање на книгата, која ја посветува на родното Вевчани и на Македонија. Тој зборуваше за инспирацијата која ја нашол во локалните преданија и истакна колку е важно зачувувањето на културното наследство за идните генерации. Отец Зоран Попоски исто така се заблагодари на сите кои помогнаа во реализацијата на оваа книга, а посебна благодарност изрази кон промоторот Мишо Китаноски.
Книгата „Вевчани, во срце те носам“ беше претставена како значајно дело кое обработува универзални теми како љубов, разделба, тага и копнеж, но и непоколеблива верба во опстојувањето на македонскиот дух и култура. Збирката поезија претставува мозаик од лирски исповеди кои го отсликуваат животот во Вевчани низ призмата на личните искуства на авторот.
Настанот заврши со пријатна дружба и разговори меѓу присутните, кои го изразија своето задоволство од овој значаен книжевен настан и го пофалија придонесот на авторот кон македонската литература и култура.
– Се надеваме дека оваа книга ќе најде пат до многу читатели и ќе придонесе кон збогатување на македонското книжевно наследство, потенцираат од организациски одбор на манифестацијата „Вевчанско културно лето ВЕВКУЛ 2025“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива