Скопје/Охрид, 27. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на „Мал новогодишен саем на книга“, во горното фоаје на кино „Фросина“, МКЦ во Скопје, се одржa промоција на дебитанската книга раскази на младиот охриѓанец Димитар Димоски „Неми филмови“.
Станува збор за 176 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, а делото на Димоски бeше промовирано низ разговор со Ненад Јолдески и Игор Анѓелков.
– Расказите претставуваат своевидна наративна мапа на животот во малите градови и заеднички мотив на секој од овие раскази е поимањето на провинцијата како начин на живеење или како својство на човековата природа. Ова дебитантско дело срамежливо кокетира со малите урбани херои – ликови кои не успеваат да си го пронајдат местото во животот или пак кои стојат и чекорат во место. Оттука, пишувајќи во прво лице, авторот насочено не`води низ темите што ги развива со колоритен јазик, ослободен од надворешната форма што би значела – опис на настаните и било какви стеги во изразот и стилот, истакна писателот Ненад Јолдески.
Димитар Димоски е роден во 1992 година во Охрид и е член на тамошниот литературен клуб „Григор Прличев“. Два пати е добитник на наградата на „Нова Македонија“ за расказите „Создавач на светови“ во 2014 и „Неми филмови“ две години подоцна. Тој едновремено е и авторот кому помеѓу овие две значајни признанија му припадна и награда „Живко Чинго“ за „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ во 2015 година. Инаку, станува збор за дипломиран економист по интерен маркетинг на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје кој, пак, магистрирал Креативна продукција на Филмскиот институт во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива