Охрид, 5. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со пригодна свеченост, денес во големата сала на Општина Охрид, беше промовирана монографијата „Охрид и охридско 1918 -1929“ на проф. м-р Михаил Патчев.
Пред големиот број граѓани и ученици, од името на локалната самоуправа се обрати советникот Перчо Божиноски.
– Живееме во време на извонредно брз технолошки развој, во кој како да постои само сегашноста, се претпоставува иднината, а минатото се чини како да се заборава или му се дава помала важност. Но, треба да се знае дека само минатото може да не научи како треба да се стремиме кон иднината. Затоа, ценам дека секој осврт и дело за нашето минато е особено важно денес за нас македонците и македонската држава. Во таа смисла монографијата „Охрид и охридско 1918 – 1929“ на професорот Михаил Патчев, претставува уште едно драгоцено камче во мозаикот наречен Македонија. Во мое име и во името на локалната самоуправа ги упатувам најискрените честитки до професорот Патчев за неговиот труд, со кој се прави прецизен увид во општествено-политичкиот, економскиот и културен живот на Охрид, во првата деценија по завршувањето на Првата светска војна. Ве уверувам дека како локална власт, секогаш ќе наоѓаме начини и средства да ги помагаме ваквите дела, кои ги расветлуваат сите периоди од нашето минато и ќе го зацрвстат непоколебливо македонизмот и македонската држава, истакна во своето обраќање Божиноски.
За значењето на трудот зборуваше историчарот Горан Митрески, кој истакна дека монографијата ја следи хронолошката поставеност на настаните и случувањата во периодот од крајот на Првата светска војна до 1929 година.
– Поттикнат од желбата за истражување, особено на периодот во кој од корен се вршат промени на целокупниот дотгашен начин на постоње и суштествување на Македонија и македонскиот народ како цело во рамките на Османлиската феудална империја и новонстанатата состојба по Првата светска војна и раскинување на целовитоста на територијата и населението поделено како воен плен помеѓу новоформираните национални држави – Грција, Бугарија, Албанија и Србија, Михаил Патчев, тие геополитички промени ги фокусирал на Охрид. Свесен дека, иако за овој период има многу обиди за научно толкување на настаните, на локално ниво тоа не е доволно обработено и презентирано пред научната и пошироката јавност. Со оваа задача Михаил Патчев се справил одлично. Сите безбедносни, политички, културни, просветни, верски, демографски, стопански и револуционерни случувања ги обработил во посебни поглавја. Сето тоа потврдено врз научна литература, а посебно значење и придонес има неговото самостојно истражување пред се во подрачното одделение на државниот архив во Охрид, Во време кога историјата е сметка во рацете на политичарите, а историчарите се сè повеќе на удар како небитни со знаење за минатото кое е непотребно во овие времиња, колегата Патчев одлучно застанал на својот пат на научниот пристап да го истражува минатото, а тоа секако ја дефинира и неговата иднина, истакна Митрески.
Авторот Михаил Патчев истакна дека монографијата е поттикната од фактот што градот Охрид заедно со неговата околина во наведениот период не е целосно проучен и бара дополнителни расветлувања на одделни аспекти. Како клучен материјал за креирање на ова дело, треба да се наведат необјавените извори коишто во најголем дел се наоѓаат во Државниот архив – подрачно одделение Охрид, Потоа, објавени извори – документи, мемоари, весници и соодветна литература од македонската и балканската историографија, истакна во своето обраќање авторот.
Настанот беше збогатен со уметнички перфоманс на оркестарот од ОСУ „Св. Климент Охридски“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива