Охрид, 2. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од активностите за достојно одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот, во петок, на 8-ми декември ќе се одржи премиерата на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски и охридски режисер Илија Пиперкоски.
Во филмот се раскажува приказната за настанувањето на култната песна „Охрид, Охрид убав мил“, која локалното население ја прифаќа безмалку како химна на градот. Поместени се изјавите на повеќе соговорници кои ги споделуваат сеќавањата на Сотир Димитроски- Ѕингл, еден од основачите на ансамбл „Билјана“ и песната која многумина ја сметаат за народна, но таа има автор и прекрасна приказна за нејзиното создавање.
Премиерата на новото дело на Пиперкоски ќе се одржи во големата сала на Општина Охрид во петок, на 8-ми декември со почеток во 19:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес