ноември 9, 2024

Охрид, 9. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со промоција на книгата „Модра мрежа“ од Марина Икомовска Шоќева, вечерва од 18:00 часот во кафе бар „Шила“, привршуваат активностите за одбележување на Денот на ослободувањето на Охрид.

И оваа година Охрид достојно го одбележа денот. Во големата сала на Општина Охрид, вчера беше промовирана книгата „Тие доаѓаат“, книга III – охридските ученици во чест на 80 годишнината од ослободувањето на Охрид.

Настаните започнаа во средата, кога во галеријата при Центарот за култура „Григор Прличев“ беше отворена изложбата на фотографии „Охрид од високо“ на Нина Анѓелоска. Во изложбениот салон беше отворена и изложба на уметнички слики од охридскиот сликар Славко Упевче, а во големата сала при Центарот за култура се одржа Свечена академија по повод 80 години од одлободувањето на Охрид. Пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, а се одржа и културно-уметничка програма.

Следниот ден се одржаа повеќе активности. ЈП „Охридски Комуналец“ го одбележа Патрониот празник, а беше положено и свежо цвеќе на спомен-обележјата од НОБ, на Градските гробишта, пред Основниот суд во Охрид, во Градскиот парк и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Свежо цвеќе беше положено и пред спомен-обележјето на Јасна Ристеска во спомен-паркот на револуцијата, каде се обрати и претставник на ОО на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца. Како дел од програмата беше и „Ohrid fly Festival“, Европски куп во параглајдинг, а се одржа и промоцијата на книгата „Охридски летопис“ од проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески. Празничниот ден се заокружи со свечената приредба по повод Патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ во СРЦ „Билјанини извори“ и Седмоноемврискиот концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука