Вевчани, 17. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „80 години од ослободувањето на Република Македонија и 80 години слободно Вевчани“, во прекрасното Вевчани во тек е најновото издание на манифестацијата „Вевчанско културно лето – Вевкул 2024“.
Утревечер, со почеток во 19:00 часот во храмот Свети Никола во Вевчани ќе се одржи Промоција на монографијата „Свети исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска“ од авторите проф. д-р Виктор Недески и ставрофорен протопрезвитер Александар Димоски.
Организаторите најавуваат дека на истата локација ќе се случи и промоцијата на книгата со песни „Вевчани во срце те носам“ од отец Зоран Попоски, а во клубот на пензионери во Вевчани ќе биде промовиран романот „Мртва коска“ од Димче Парталоски кој во 2023 година за овој роман ја доби наградата „Пегаз“.
– Во рамки на овие значајни одбележувања планирана е и промоција на стихозбирката „Цветни симфонии“ од ученичката Стефанија Џутеска од струшкото село Пискупштина. На 16-ти септември во 19:00 часот ќе се одржи промоција на книгата „Кординати на болката“, песни од Александра Спасевска. Програмата вклучува и изложба на фотографии на тема: „Руралната жена од Дримкол низ објективот“ од фоторепортерот Стојан Кукунешоски. Љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја посетат изложбата на карикатури на тема: „Губилиште“ од Анастас Ќушкоски, писател, уметнички фотограф и карикатурист, информираат од дирекцијата на ,,Вевкул 2024“.
Додаваат дека на 8-ми септември ќе се одржи традиционалната средба на сите поранешни фудбалери на ФК „Дримкол“ од Вевчани, и други љубители на фудбалот. Во ООУ „Страшо Пинџур“ во Вевчани ќе се одржи креативна работилница за учениците со наслов „Сакам да бидам новинар – Како да станам писател“. Водител на работилницата ќе биде Мишо Китаноски, новинар и активист за култура.
Според најавената програма, на фестивалот годинава ќе гостува и литванската авторка Моника Вајценовизене која ќе одржи креативна работилница на тема „Што е река“. (Крај)
извор: strugaonline.mk фото: архива