Скопје/Охрид, 9. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, вечерва од 19:30 часот, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорѓо Димоски.
Книгата е во издание на „ПНВ Публикации“, а низ разговор со авторот ќе ја претстави Јулијана Величковска.
Поетот Славе Ѓорѓо Димоски (1959 година, село Велестово, Охрид) завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и претседател на „Поетска ноќ во Велестово“, бил претседател на Управниот одбор на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН Центар и на академијата „Анте Поповски“. Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на книги есеи и активно препејува. Негови поединечни песни и поетски циклуси преведени се на над триесетина јазици, а 19 одделни книги му се преведени на англиски, руски, српски, турски, шведски, хрватски, полски, азерски, бугарски и други јазици. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Григор Прличев“ за најдобра поема, Гран-при „Исток-запад“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и други. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.
Изданието на стихозбирката „Грозје од кукавица“ е поддржано од Министерството за култура и беше во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. (Крај)
извор: Слободен печат фото: Слободен печат