Скопје, 24. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Црвен картон за министерот Тодоров“, граѓаните денеска протестираат против одговорните за случајот со малата Тамара Димовска од Велес која почина, чекајќи го решението од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција, јави порталот „Бриф“.
Мирниот протест започна пред Фондот за здравство, а треба да заврши пред Министерството за здравство каде што присутните ќе повикаат на одговорност за смртта на деветгодишното девојче.
Граѓаните кои протестираат, бараат оставка од министерот за здравство, Никола Тодоров, од директорите на Фондот за здравствено осигурување, од членовите на Управниот одбор на ФЗОМ, оставки од членовите на првостепената и второстепената лекарска комисија, а бараат и кривична одговорност за директорите, членовите на Управниот одбор и од првостепената и второстепената лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, поради несовесно работење во рамки на својата служба.
Потоа бараат да се изберат независни и стручни одговорни лица во Фондот, кои ќе одлучуваат единствено во интерес на граѓаните, без да калкулираат со човечки животи, како и избор на компетентен министер за здравство, кој ќе ги слуша и решава проблемите на пациентите. Понатаму бараат и квалитетен, ефикасен и достапен здравствен систем за сите граѓани, како и еднаков пристап на сите граѓани до потребните здравствени услуги.
Во меѓувреме директорката на ФЗОМ си поднесе оставка од лични причини. (Крај)
извор: Бриф фото: Бриф