Охрид, 8. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Владата да го објави документот, т.н патоказ за кој со Софија преговараат премиерот Зоран Заев и владиниот специјален пратеник за Бугарија Владо Бучковски, побараа учесниците на големиот протест, кој во организација на ВМРО-ДПМНЕ се одржа во Охрид и уште девет други градови во Македонија.
– Блокадите во поголемите 10 градови во државата ќе траат се’ додека Зоран Заев и Владо Бучковски не покажат што испреговарале со Бугарија. Документот мора да е доставен до јавноста и да се види што точно се преговарало. Од високи дипломатски извори во Брисел и од официјална Софија дознаваме дека она што требаше да биде декларацијата изгласана во бугарскиот парламент и која беше преговарачка рамка во билатералните преговори меѓу Македонија и Бугарија, од денешен аспект сите проблеми кои ги носи овој документ, како засебноста на македонскиот јазик, култура, традиција, обичаите, антифашистичката борба, од билатерален проблем стана проблем помеѓу Македонија и Европската унија и го проблематизира патот на Македонија кон ЕУ. Има два аспекти кои се битни во целата работа. Прв, основен и најважен е уништувањето на македонскиот народ, нација и јазик и вториот е проблематичниот пат кон ЕУ. Сето ова Заев го најави во интервјуто за BGNes каде ги отвори темите и разговараше за ист народ и јазик и дека во Македонија немало фашистички окупатор, туку имало администратори. Кога тоа ќе се спои со скоро 4 годишното владеење на СДСМ во Македонија и буквално проблематичните и уништувачки договори со скоро сите околни соседи, јасно е дека мора да му дојде крај на ова катастрофално владеење. За да се случи тоа, потребна е поддршка од буквално сите политички партии, од центар, леви и десни, во и вон парламентот. Да му застанеме на ова зло и да го спречиме уништувањето на македонскиот народ, нација, култура и јазик, порача од протестот пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков.
Од партијата велат дека доколку не се прифати барањето кое се однесува на „патоказот“, дека ќе се организираат и други уште поголеми протести, како и низа на други активности.
Протестот во Охрид се одржа во периодот од 15:00 до 17:00 часот на кружниот тек кај „Охридска банка“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес