ноември 15, 2019

Охрид, 15. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Вработените во администрацијата во Основниот суд во Охрид преку мирен протест го искажаа своето незадоволство од одлуките на судскиот буџетски совет за додатоци за плата за септември и октомври.

Членовите на синдикатот на УПОЗ и здружението на судската администрација велат дека се опструирани од советот за да не им се вратат парите од штрајкот на дел од вработените од 2016 година, а кои пари дополнително биле обезбедени од Владата во преговори со синдикатот на УПОЗ и здружението. Апелираме до судскиот буџетски совет да ја прекине праската на дискриминирачкиот егоситичен и игнорантски однос кон судската служба со донесување на одлуки според кои пари за судиите секогаш има, а за судската служба нема, потенцира Сема Али Куртис.

 

– Апелираме советот да покаже искрени намери во градење на ефикасно судство како стратешка определба на државата, со тоа што ќе отпочне да го намалува, а не да го зголемува јазот меѓу судиите и судската служба. Бараме итно да им бидат исплатени парите на нашите колеги од судската полиција, помошно техничкиот персонал, на пензионираните и останатите кои по друг основ не се повеќе вработени. Судството не е само за судиите туку дел од тој тим се и сите вработени во судската служба кои заслужуваат еднаков третман, истакна Куртис.

Покрај тоа вработените во судската администрација побараа од министерството за правда да го разгледа проблемот и да застане на праведната страна. Меѓудругото бараат измена да се утврди друга позиција на судската служба која нема да зависи од како што рекоа „милоста на судскиот буџетски совет“ и да се формира посебно тело кое ќе биде одговорно за вработените и во кое ќе членуваат претставници на синдикатот на УПОЗ и здружението на судската администрација.

Членовите на синдикатот на УПОЗ и здружението на судската администрација потенцираа дека ако нивните барања не бидат исполнети, повторно ќе излезат на протест.

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука