Струга/Скопје, 18. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Светиот архијерејски синод на Македонската Правсолавна Црква – Охридска Архиепископија, исповедниците и праведни Спасе и Cпaса Вишенски ги вброи во редот на светиите.
На 8-ми и 9-ти јуни 2024 година, во струшкото село Вишни и во Охрид ќе се случи свечениот чин на канонизација, односно ќе се круниса или заврши еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на света Спаса. По повод овој голем настан за православните верници, разговараме со протојереј – ставрофор Александар Димоски.
Што опфаќа процесот на канонизација?
Помеѓу телата со кои раководи Светиот Архиерејски Синод, постои и Комисија за канонизација на нови светители. Комисијата брои четири члена. Кога Црквата препознава посебна почит од своите верни чеда кон некој кој се истакнал со својот христијански живот и подвиг, тогаш комисијата почнува да собира материјал за таа личност. Прво и најважно, се гледа култот и почитта што народот почнува да ги гради кон некого. Потоа, се испитува животот на тој човек, дали правилно ја исповедал верата Христова, дали била дел од официјалната Црква, каква била неговата смрт, и дали после неговото упокојување се забележуваат чуда и чудесни настани, по неговите молитвени застапништва. Неретко се случува после смртта, телата на светите луѓе да останат цели и нераспаднати, од нив да се шири благопријатен мирис, коските да добијат не бела, туку чудесна златеста боја, каков што е случајот и со света Спаса. Сите тие знаци ни покажуваат дека Светиот Дух живеел во тие луѓе и дека Бог се прославил преку нив. Откако комисијата ќе собере доволно материјал, и добро ќе го испита животот на новиот светител, ќе собере сведоштва за неговата светост и ќе се увери дека истиот е почитуван од православниот народ, подготвува богослужба (Вечерна и Утрена), акатис и изработува икона за новиот светител, одредува датум за негово прославување, што најчесто е денот на смртта, а доколку тој не е познат, тогаш датум што има некаква поврзаност со неговото житие, и тоа го доставува до Светиот Архиерејски Синод, во форма на предлог за канонизација на нов светител. Синодот во полн состав, со согласност на сите архиереи, одлучува по тој предлог, по што донесува одлука за канонизација на нов светител. Таа одлука се обзнанува пред верниот народ, на соборна Литургија, при што се пее службата и се претставува иконата на новиот светител, што всушност денес го претставува самиот чин на канонизација.
Комплетното интервју на Слободен печат ОВДЕ. (Крај)
извор: Слободен печат фото: Слободен печат