Охрид, 14. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охрид секогаш раѓал таленти, кои за жал во последно време го напуштаат, вели Проф. д-р Анис Сефиданис, кој е дел од „Охридските приказни“, кои во текот на септември ќе се раскажуваат во охридското „Форт кафе“.
Интервјуто е најава за уникатното доживување на охридската иднина – „Преданија од иднината со Анис Сефиданис“, кое тој ќе го одржи во „Форт кафе“ во четврток, на 15-ти септември 2022 година, од 19:00 часот. Сефиданис зборува за неговото заминување во светот, за потоа да се врати во родниот Охрид, за технологијата со која се дружи од најрана возраст, за благодетите на истата, можен ли е Охрид – паметен град, за (зло)употреба и користењето на социјалните мрежи, преголемото време кое особено најмладите го поминуваат пред паметните уреди и сл. Ќе слушнете и што всушност претставува за него Охрид, каков е сега и каков сака да биде во иднина.
Проф. д-р Анис Сефиданис предава на Факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Автор е на четири книги од областа на IT, меѓу кои „Препознавање на облици со помош на вештачка интелигенција“ и основач на Центарот за вештачка интелигенција кој во нашата држава го донесе првиот Суперкомпјутер на компанијата NVIDIA. Тој е човекот кој ни овозможи да „разговараме“ со Прличев… По неговото школување и работа во Европа, Анис се враќа во Охрид за од овде да ја испраќа пораката, дека Охрид е град на иднината.
„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing