Охрид/Скопје, 14. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридската школа на правото, која ќе се организира во Охрид, ќе се базира школата поставена на старите корени на Свети Климентовиот универзитет, вели проф. Д-р Ангел Ристов, претседател на здружението „Јуридика Прима“.
Здружението на граѓани, Институт за правно-економски истражувања и едукација, Јуридика Прима, во мај во Охрид ќе ја организира 3-та Меѓународна научна конференција – Охридска школа на правото.
– Идејата на годинешната трета по ред школа, е да се подобри законската регулатива во однос на човековите права. Годинава има зголемен интерес за учество во Охридската школа на правото, при што ќе дискутираат стручни лица од универзитети од повеќе земји од Балканот. Ако минатата година имавме 40 учесници, за оваа година, е најавена бројка од 100 универзитетски професори, студенти и експерти од универзитети од Белград, Мостар, Подгорица, Софија и секако од Македонија. Авторите ќе ги презентираат своите трудови. Идејата е да се подобри законската регулатива во заштитата на човековите права, а тоа ќе се рефлектира и со подобрување на самото општество, вели за Супер радио проф. Д-р Ангел Ристов.
Научната конференција ќе биде на тема: „Ефикасната заштита на човековите права и слободи: Реалност или идеал“, а ќе се одржува во Конгресен Центар Охрид, од 12-ти до 14-ти мај.
Како што додава проф. Д-р Ристов, темата на предавање е широка и обемна и тангира повеќе области од правото. На првата ваква школа, која се одржа во 2015 година, темата беше: Новите предизвици во уредувањето на правните односи од аспект на европските вредности. Минатата година, пак, темата се однесуваше на „Правната сигурност како фактор на владеење“. Организаторите се надеваат дека и годинешната тема ќе предизвика интерес.
– Годинава ќе обработуваме значајна тема, која сигурно ќе предизвика интерес. Нашата улога како правници е да истражуваме и да даваме насоки на делување. Посебно да потенцирам дека ќе има доста студенти кои ќе бидат дел од конференцијата, додава проф. Д-р Ристов.
Здружението на граѓани, Институт за правно-економски истражувања и едукација, Јуридика Прима , е основано од професори, доктори и магистри по право и економија, како и правници и економисти од практиката, кои со децении се занимаваат со истражувања, анализи, организирање на конференции, семинари, едукации од областа на правото, економијата, образованието и други општествени области. Јуридика Прима презема бројни активности за развој и унапредување на правниот систем и општеството, како и промовирање на човековите права и слободи пан европските вредности. Претседател на Јуридика Прима е д-р Ангел Ристов доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива