Вевчани, 8. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Општина Вевчани имплементираше иновативен проект за заштеда на електрична енергија преку инсталација на фотоволтаичен систем на пречистителната станица за отпадни води.
Овој проект има повеќекратна корист за локалното население затоа што придонесува за поекономичен третман на отпадните води, производство на енергија од обновливи извори, а со тоа и намалено негативно влијание врз животната средина. Вевчани е една од вкупно 10 општини од Западен Балкан кои реализираа иницијативи за енергетика, транспорт и климатски промени во рамки на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“.
Фотоволтаичната централа е со инсталирана моќност од 19,8 киловати и се очекува на годишно ниво да произведува помеѓу 20 и 25 MWh електрична енергија. Од аспект на заштита на животната средина, проектот ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата.
Проектот обезбедува техничка поддршка, зголемување на капацитетите, можности за вмрежување и поддршка на мали проекти во насока на развој, имплементација и мониторинг на Планот за одржлива енергија и климатска акција (SECAP). Во проектот, покрај Вевчани, од земјава е вклучена и Општина Кочани во која се реализираше проект за „паметно“ улично осветлување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива