Охрид, 17. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска за припадниците на православната вероисповед се Велики Поклади, а од утре започнуваат Велигденските пости.
Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
Велигденскиот пост е најстрог и најдолг. Трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (Четириесетница), од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена. Постот не значи само откажување од мрсна и обилна храна и алкохол, туку постење со мислите, воздржување од лошо, правење милостиња.
Постот започнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Рибата не се смета за мрсна храна и може да се јаде за време на Велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. (Крај)
извор: ОхридПрес/mn фото: архива