Москва, 20. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Гасоводот „Турски тек“ би можел од Русија преку Црното Море, Турција, Грција, Македонија и Србија да дојде до Унгарија, а можеби и до Австрија, најави рускиот претседател Владимир Путин при неодамнешната посета на Унгарија и средбите со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– Одлуката главно ќе зависи од нашите европски партнери дали сакаат стабилно, загарантирано и апсолутно транспарентно снабдување со енергенси од Русија и тоа без ризици при транспортот, порача Путин.
Тој нагласи дека доколку тоа го сакаат европјаните изградбата на гасоводот може да почне.
Русија неодамна поради големиот број на законски и регулаторни обврски што ги наметнуваше Европската унија се откажа од изградбата на гасоводот „Јужен поток“ што требаше да поминува преку Црното Море, Бугарија, Србија и Унгарија и да стигнува до големиот центар за складирање на природен гас Баумгартен во Австрија.
Планот за „Јужен поток“ не предвидуваше Македонија да биде на главната траса на гасоводот, туку само еден крак од Србија или Бугарија да доаѓа до земјава за задоволување на нејзините потреби. Сега се отвора можност Македонија да биде на главната траса на новиот гасовод и да добива значителни средства од транспортот на гас низ нејзината територија. (Крај)
извор: МИА фото: архива