Охрид, 15. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од денешните теренски активности, градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и премиерот Христијан Мицкоски ја пуштија во употреба реконструираната улица „7-ми Ноември“.
Оваа важна сообраќајница е изведена по сите современи стандарди и во голема мера ќе ги подобри условите за учесниците во сообраќајот.
Во рамки на проектот за реконструкција извршено е постaвување на нов асфалт на коловозната лента. Изведени се нови тротоарски површини, извршена е изградба на нова велосипедска патека и нова атмосферска канализација во должина од 700м. Поставена е нова мрежа за јавно осветлување и соодветна хоризонтална и ветрикална сообраќајна сигнализација. Исто така извршено е спуштање под земја на сите видови инсталации по целата должина на улицата. Вкупната вредност на оваа инвестиција е 43.240.288 денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Охрид.
Градоначалникот Пецаков информираше дека според планираното од септември, оваа година ќе започне реконструкција и на кружиот тек во близина на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ со што ќе се овозможат подобри сообраќајни услови на влезот во Охрид.
Тој најави дека во тек е изработка и на проект за реконструкција на патниот правец од село Лескоец до село Косел со што ќе се комплетира сообраќајната мрежа во овој дел од општината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива