Струга, 27. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска беше свечено пуштен во употреба затворениот пливачки базен во Струга, кој по 20 години беше целосно реконструиран.
Базенот беше реконструиран со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милиони евра. Комплетно е реконструирано базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација на делот од соблекувалните, фасадниот дел и покривот, а дограден е и мал помошен базен.
Премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на отворањето истакна дека од стружани во неколку наврати слушнал иста реченица, а тоа е – „никој не верувавме дека базенот после 22 години повторно ќе биде направен и ставен во функција“.
– По цели 20 години, го враќаме повторно она што им припаѓа на Струга и на стружани – затворениот пливачки базен-спомен на многу генерации, кој денеска и официјално се пушта во употреба. Со буџетски средства во износ од близу 99 милиони денари или 1,6 милиони евра, од корен, целосно го реконструиравме затворениот пливачки базен во Струга, кој беше оставен на забот на времето. Овој базен сега има модерен изглед и повторно ќе биде гордост на Струга и гордост на сите спортисти и љубители на пливањето. Комплетно е реконструирано базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација на делот од соблекувалните, фасадниот дел и покривот, а дограден е и мал помошен базен, истакна Ковачевски.
Тој најави дека во следниот период нови шест општини ќе добијат затворени пливачки базени.
– Во тек е изградбата на базените во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола, Карпош и Штип, чијашто изградба треба да заврши во текот на 2024 година. Во наредните две години базени ќе добијат и Струмица и Кавадарци, додека новиот базен во Тетово е завршен и предаден на Општината, напомена македонскиот премиер.
За жал, во неговата најава го нема базенот чија градба е започната пред полни осум години и се наоѓа на само 15-тина километри од Струга. Затворениот базен во Охрид е се’ уште недовршен и покрај слатките зборови и ветувања кои ги слушаме долги години.
Охридскиот базен треба да биде завршен за една година, истакна кон крајот на септември годинава за Радио МОФ Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС), која е инвеститор на изградбата.
Мојсовски објаснува дека најголемиот проблем во изградбата се случил за време на пандемијата со коронавирусот, кога вели дека бил откажан надзорот на изградбата.
Објектот започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Но, од тоа ништо. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година…
Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива