Струга, 31. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска е пуштен во употреба концептот „Оne Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане со Република Албанија, односно заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување.
Со овој концепт овозможуваме благосостојба на нашите граѓани во Македонија и Албанија, посилни економски партнерства и поефикасна соработка меѓу компаниите, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
– Денес овозможуваме побрз проток на нашите граѓани, помеѓу двете држави и побрз проток на компаниите кои што транспортираат производи на најголемиот граничен премин помеѓу двете држави. Со ова се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз, кои се ориентирани кон трговија со други држави. На овој начин означуваме полесен пристап до пристаништата во Албанија. На овој начин овозможуваме полесен пристап и до туристичките места во Албанија, меѓутоа и до туристичките места во Македонија. Најубавите се тука токму на неколку километри од овој граничен премин. Со концептот на интегрирано гранично управување исполнуваме уште една обврска од проектот за интеграција на Македонија и Албанија како на регионално така и на европско ниво. Ние промовираме европски вредности и практики како придонес кон наше што побрзо членство во Европската Унија, рече премиерот Ковачевски.
Додаде дека „One-stop-shop“ е придонес и кон забрзан регионален економски раст и развој, повисок степен на хармонизација на граничните контроли и поуспешно откривање на нелегални прекугранични активности.
На ова претходеше потпишување на последниот Протокол за спроведување на Договорот за воспоставување на заеднички граничен премин меѓу двете земји, меѓу првите луѓе на македонската и албанската царинска управа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива