Охрид, 6. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Регионалниот центар за средно стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ во Охрид добива модерен и современ изглед, со подобрени услови за настава, пракса и сместување на учениците.
Реконструктивните зафати се очекува да бидат комплетирани кон средината на април и учениците да се вратат на нормална настава со физичко присуство.
Директорот на центарот Марјан Радески во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за текот на градежните зафати, што тоа ќе значи за училиштето, дали капацитетите ќе се користат за комерцијална употреба, но и за плановите, приоритетите на училиштето во периодот што претстои.
Супер радио: Веќе подолг период во училиштето се одвиваат градежни зафати за осовременување на условите за настава и престој на учениците. Што опфаќа целиот проект и што е досега направено?
Радески: Во РЦССО „Ванчо Питошески“ изминатиов период се изведуваат бројни грдежни зафати, односно се врши целосна реконстукција на училиштето и опфаќа голем број на позиции што долго време не биле променети, како во училиштето, така и во домот. Азбестниот покрив е заменет со современ, објектот има енергетски ефикасна фасада, променети се подовите, столаријата, електричната и водоводна инсталација, канализациона мрежа, хидрантска мрежа… Дворот се уредува партерно, со што училиштето добива сосема нов изглед, се подобруваат условите и целокупната инфраструктура. Во овој период додека трае реконструкцијата имам разбирање и поддршка од моите колеги. Инаку Проектот за реконструкција е на министерството за образование и наука.
Супер радио: Регионалниот центар за средно стручно образование и обука преминува во современ сместувачко-образовен капацитет. Кажете ни со што се ќе располага, од услови за настава и пракса до сместување?
Радески: Со овие зафати училиштето ќе добие модерен и современ изглед. Се доградуваат и кабинети што ќе се во функција на практичната настава на учениците, кои ќе имаат подобри услови. Во однос на ученичкиот дом, истиот комплетно се доуредува со капацитет да прими 120 ученици.
Супер радио: Дали сместувачките капацитети ќе се користат во текот на сезоната и дали ќе биде можна и комерцијална употреба?
Радески: Со осовременувањето на ученичкиот дом и добивањето на подобри услови ќе почне да работи во комерцијални услови но пред сѐ ќе биде од голема полза за училиштето. Според концептот на регионалниот центар, предвидено е да се одржуваат голем број обуки и семинари од областа на готварството, угостителство и туризам каде учениците, не само од Македонија, ќе престојуваат, каде во лето кога е слободен ќе може да се одржуваат разни активности што ќе се во функција на подобрување на квалитетот и осоверменување на образованието.
Супер радио: Кога очекувате да завршат градежните работи?
Радески: Овие реконструктивни зафати очекувам да завршат кон средината на месец април, бидејќи навистина се при крај и се надевам дека учениците ќе почнат со настава со физичко присуство, во училница, каде што им е и местото.
Супер радио: Со оглед на обемните зафати, учебната година ја започнавте online и тоа се’ уште трае. Кажете ни дали за тоа учениците беа информирани, дали можеби имавте негодувања од родителите?
Радески: Учениците беа навремено информирани, со одлука на Совет на родители и информација до Министерството за образование и наука училиштето работи online и тоа е единствен начин во овој момент на кој може да се работи, наставата да се одвива нормално. Впрочем, сведоци сме дека таква настава две години се одржуваше во целиот свет, така што не е нешто ново, туку е начин на кој учениците ќе бидат нормално активирани. Наставата се одржува редовно, без никаков проблем, нормално гледајќи од аспект да ги заштитиме учениците во однос на безбедноста за време на одвивање на градежните зафати. Што се однесува до практичната настава учениците ги посетуваат објектите каде што истата ја извршуваат, не само во Охрид туку и во градовите од каде што се учениците.
Супер радио: Дали имате контроли и опомени од некои државни органи и инспекторати. Кој е Вашиот став по ова прашање?
Радески: Државниот просветен инспекторат има направено увид во училиштето, доаѓаат и во редовни контроли. Дадено ни е укажување да се овозможи да се почне со настава со физичко присуство и сега постапуваме по тоа. Во разговор со фирмата изведувач на градежните работи се усогласува динамикатана работа и според нивните укажувања наставата треба да започне во средината на април.
Супер радио: Сведоци сме дека на секој чекор има огласи, се бараат келнери, шанкери, готвачи… Каков е интересот кај основците да продолжат со школување овде? Дали расте од година во година, со оглед на тоа што по завршувањето веќе имаат некаков занает и се подготвени да излезат на пазарот на трудот, а доколку сакаат може и да го продолжат школувањето на охридскиот факултет?
Радески: Во последниве две години имаме зголемен на број на ученици запишани во прва година. Се надеваме дека тој тренд ќе продолжи понатаму, тоа е еден пораст на ученици кои не се само од Охрид, во ова училиште се запишуваат и ученици од други градови од Македонија. Сведоци сме дека имаме голем недостаток на работна сила во областа на угостителството и туризмот. Струките што се изучуваат во нашето училиште се дефицитарни на пазарот на трудот, не само во Македонија туку и во регионот и сѐ поголем број со наши напори и заеднички со министерството за образование преку доделување на стипендиите се зголемува бројот на ученици кои учат во угостителско-туристичката струка.
Супер радио: Колкава е моментално бројката на ученици и од кои се профили?
Радески: Моменталната бројка е околу 230 ученици, од угостителско-туристичката струка имаме тригодишно и четиригодишно образование. Дуалното образование е застапено и кај нас во нашите струки. Позитивна страна е што во последните години се доделуваат и стипендиите, меѓутоа и со поголема ангажираност на наставниот кадар вклучувајќи ги и работниците од угостителско-туристичкиот сектор, се трудиме да го зголемиме интересот и да пласираме што поголем број ученици кои ќе се од корист на овој сектор.
Супер радио: Зад вас како училиште се бројни успеси, учества на натпревари, лани бевте домаќини и на „Гатус 2023“. Кажете ми кои се плановите за следниот период?
Радески: Минатата година во месец октомври училиштето беше домаќин на околу 200 натпреварувачи од поранешните Ју простори, се одржаа натпревари од областа на угостителството и туризмот, во три дисциплини. Како домаќини се покажавме во одлично светло. Како училиште продолжуваме и понатаму со активности. Ни претстои запишување на ученици во прва година, ќе работиме на привлекување на што повеќе ученици. Често одиме на домашни и меѓународни натпревари. И следната учебна година во план ни е да посетуваме натпревари, како одржување на континуитет, презентирање на она што го научиле и мотивација за учениците, нормално и да видиме до каде сме во однос на учениците од другите држави. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес