јануари 24, 2015

Охрид, 21. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Личноста која е опкружена со култура и културни настани, е поисполнета, а како таква може уште повеќе да биде корисна за општеството, смета охриѓанката Лидија Размоска.

Размоска  по професионална определба е педагог, а магистер со спецификација  менаџмент на образование. Како личност која е активно и директно вклучена повеќе години во културните случувања во Охрид, првенствено како литературен критичар, поет, организатор, модератор и водител на бројни културни настани, м-р Размоска вели дека културата е потребна секому, а љубовта кон неа се изградува од мали нозе. Според неа, родителите треба повеќе време да посветуваат на своите деца, да им нудат различни активности и да не дозволат да се забораваат основните вредности.

Во интервју за Супер радио м-р Размоска говори за повеќе аспекти на културата и културното живеење во Охрид.

Супер радио: Од каков културен бран моментално Охрид е „понесен“, а од каков е „завеан“?

Размоска: Кога се зборува за културниот живот во Охрид, може да се опфатат два аспекти. Едниот се однесува на културниот живот кој го создаваат институциите, кои работат на полето на културата, а вториот аспект е културниот живот кој го практикуваат граѓаните кои живеат во Охрид, односно конзументите на тој културен живот. Тие два аспекти се меѓусебно поврзани, со оглед на тоа што граѓаните, колку тие би покажале интерес, толку ќе има и културен живот. Со оглед на тоа што знаеме какво е поднебјето овде, сметам дека граѓаните кои живеат во Охрид и веројатно не знаат каков културен живот нуди овој град, освен она што се случува во лето и сета таа понуда е збиена во тие два или три месеци. Генерално кога зборуваме за тоа Охрид од каков културен бран е „понесен“ а во каков е „завеан“, би можела да кажам дека треба уште многу да се работи. Обиколката на музеи, изложби, промоции на книги од страна на граѓаните не треба да биде само нешто што треба да се направи задолжително, тоа треба да биде дел од онаа естетска страна, односно да се ужива во нештото, но од друга страна, тоа да инспирира за понатамошно живеење. Во животот не треба да ни’ биде водилка само онаа материјалната страна на нештата. Исполнувањето на самиот себе, тоа ги води луѓето кон напред.

Супер радио: Може ли начелно да се дефинира дека за следење на културни настани секогаш не се потребни материјални средства, иако дел од културните случувања, концерти, претстави или слично, се едноставно кажано, настани за каде се потребни влезници. Но, за да се биде во тек со културата, има и настани, кои се бесплатни, или по премиерните настани, тие некои одредени влезници, потоа се по половина цена, има бесплатни билети за одредени категории на лица и слично.

Размоска: Точно, за да се биде дел од културниот живот, не мора да значи дека мора да се имаат пари. Има различен вид културни настани, од кое дел се бесплатни, дел се со поефтини влезници итн, но луѓето треба да ја согледаат користа од посетувањето на тие настани, стекнување радост, а тоа потоа доведува до исполнување на некои мали цели.

Супер радио: Каков е „културниот апетит“ кај младата публика?
Размоска: Она што треба да се направи, се прави од зачетокот. Тоа значи дека децата од мали нозе треба да се задојуваат со посетување на културни настани, сепак, што се соодветни на нивната возраст. За она што е подобно за нивната возраст, треба да го практикуваат. Оние кои работат со децата во градинките и училиштата, тоа неминовно го прават. Тоа ги исполнува и децата, но и наставниците, им дава поттик што направиле за нивните ученици. Тоа има далекусежни позитивни ефекти кај воспитувањето на децата, но доколку се практикува континуирано, тогаш има ефект. Тука спаѓаат оние приредби, кои се организираат, интерни случувања во установите. Во секој сегмент од наставата треба да се примени тој воспитен концепт.

lidija2

Супер радио: Улогата на семејството и околината во изградувањето на културата на поединецот…

Размоска: Тоа е неминовно. Потребата за култура се всадува кај единката од моментот кога таа започнува да комуницира и да восприема туѓо влијание. Зборуваме за онаа предучилишна и училишна возраст кај децата. Во таа возраст децата можат веќе да прават разлика што е добро, а што лошо. Семејството прво ја всадува љубовта кон убавото, кон она што буди инспирација. Не може родителите веднаш детето да го носат на промоции на книги или други културни настани, но може постепено да му всадат свест каде треба да се развива во однос на својот културен живот. Откако детето веќе ќе почне да расте, тогаш во зависност од неговите таленти, семејството во корелација со училиштето и околината, треба да воспостават комуникација кон каде детето треба да се движи.

Супер радио: Социјален, општествен и уметнички карактер на културата…

Размоска: Согледан од социјален аспект, културниот живот значи социјализација. Оние кои имаат исти, или слични вредности, можат меѓусебно да комуницираат, преку тие настани од културата. Уметничкиот аспект на културниот живот, според мене е со еден збор убавина, уметноста е убавина, восприемање и согледување на убавото. Општествениот аспект на културата, е сепак, премногу општо прашање, кое може да се сведе на корелација со социјалниот аспект.

Супер радио: Би можело ли да постои „предозираност“ од уметност?

Размоска: Не сметам дека би можело да има предозираност од уметност, затоа што секоја изложба, филм, претстава итн, е различна, што значи дека развиваат различен аспект на личноста, односно ја исполнуваат од различна страна. Секогаш човекот не е во исто расположение. На пример, и една иста претстава да ја гледа два пати, не е во исто расположение, првиот пат може да е радосен, при втората проекција, може да биде летаргичен, да биде нерасположен, и едноставно ќе ја гледа таа претстава за да си ја наполни душата и да се ослободи од негативните мисли. Не може да има едни исти чувства ниту при следење на ист настан од културата, ниту при следење различни настани.

Супер радио: Подреденост на седумте уметности според лично согледување…
Размоска: За ова имам размислувано и порано, но досега не сум дала некое посебно подредување според мое согледување. Сепак, на прво место би ја ставила литературата. Според мене, зборовите, се можеби, не главни, но доаѓаат на прво место, затоа што човек треба внимателно да ги користи зборовите. Значи, би поставила подреденост по следниот редослед: литература, музика, ликовна уметност, драмска уметност, балет, филм, вајарство.

Супер радио: Индивидуална, наспроти колективна и глобална уметност?

Размоска: За мене уметноста, сама по себе е индивидуална. Дури и да работат повеќе уметници на заеднички проект, повторно е секој за себе, секој го согледува својот дел и го работи својот дел од задачата и тоа е сепак дел она што се приклучува кон колективното.
Супер радио: Кој тип на културни настани во Охрид се најпосетувани?

lidija3

Размоска: Сметам дека подеднакво посетувани се концертите и прикажувањата на филмови, потоа се’ останато. Првиот аспект кај посетителите, е она убавото да се восприеми, а од друга страна и да ги пренасочи мислите.

Супер радио: Урбаната култура, како и субкултурата, се подеднакви движечки сили во едно културно живеење, како и онаа општо прифатена и востановена културна понуда. Личен став околу ова прашање.

Размоска: Субјективно е тоа гледање. Тоа пак ќе го поврзам со она што поединецот предходно го примил како дел од неговото образование и воспитување. Се’ она што сме денес како возрасни, е дел од детето во нас. Субкултурата и урбаната културата, е сепак дел од културата, но е поинаков начин на изразување. Некој тоа го прифатил како такво и на таков креативен начин го презентира.

Супер радио: Уметниците – боеми, уметниците – самотници и оние уметници, кои се имаат ексцентрично однесување…

Размоска: Тоа е индивидуално. Секој си избира свој начин на живот. Можеби не свесно, но навраќајќи се повторно на онаа педагошка страна, зависи од тоа како детето се развивало. Дали еден уметник е боем, или целосно е изолиран од општеството, зависи и од онаа психолошка страна на личноста. Уметноста сама по себе значи и слободно изразување. Немам ништо против таквиот тип на уметници, бидејќи, секој човек си го избира својот начин на живот.

Супер радио: Кое е првото, најзабележливо нешто на прв поглед, кај едно уметничко дело?
Размоска: Идејата. Идејата е она што е вредно во било која уметност. Се’ она од кое потекнува нешто кое се развило и разгранило, значи дека е почетниот импулс. Да не бил тој импулс, немало да дојде до онаа крајна последица.

Супер радио: Лидија Размоска како поет…

Размоска: Во однос на тоа како почнав да се развивам во литературниот свет, започнав како поет. Ја имам објавено стихозбирката „Езерска воздишка“. Понатаму, тоа ми беше, како еден вид отскочна штица кон еден друг аспект на литературата, да почнам критички да се осврнувам кон литературата. Јас пишувам критики за дела, но не само во поглед на она што луѓето се навикнати да го читаат, пренесување на содржината на едно дело. Јас тоа го правам и од согледувањето на тоа, како авторот дошол на идеја да го напише баш тоа што го напишал. Обидувајќи се да проникнам во свеста на писателот, јас сакам да им разоткријам на читателите еден нов свет, кои тие ќе го согледаат со нивни очи. Во последно време сум насочена кон осврти на книги и колумни. Во колумните сакам да ги навратам читателите кон вредностите, покажете љубов наместо омраза, подарете среќа наместо тага, покажате скромност наспроти суетност, надеж наспроти трулеж, соработка наспроти егоцентричност, почит наспроти малициозност. (Крај)

извор: Супер радио фото: Супер радио

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука