Скопје, 2. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонската ракометна репрезентација продолжи со подготовките за Европското првенство по новогодишната пауза и веднаш стигнаа вести за првото кратење на составот од 21 ракометар.
Раул Гонзалес напомена дека уште не размислува за кадровски промени но на пријателските натпревари во Белград ќе оди со 19 ракометари. Отпаѓаат најмладиот, голманот Мартин Томовски и средниот бек, Горан Крстевски.
Голмани има четворица меѓу 21 репрезентативец и беше лесно да се погоди дека еден од нив нема да патува, а изборот паднал на 20-годишниот Томовски, покрај Борко Ристовски, Никола Митревски и Златко Даскаловски.
Горан Крстевски, пак, е објективно во сенка на останатите средни/леви бекови, така што и тој ќе ги пропушти прво проверките со Саудиска Арабија и со Србија, а многу веројатно и првенството во Хрватска.
Репрезентацијата тренира во „Борис Трајковски“ уште денеска и утре, а в четврток сабајле патува за Белград. Истиот ден играме против Саудиска Арабија, а в петок против Србија.Потоа следуваат уште пет дена тренинзи во Скопје, а на 11 јануари селекцијата заминува за Загреб. Првиот меч го играме со Словенија на 13. (Крај)
извор: Спорт1 фото: архива