Охрид, 7. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Расказот „Јоанес Даубманус“, испратен под шифра: „Фанатик“, е прогласен за најдобар на годинешниот конкурс „Живко Чинго“.
– Комисијата во состав: проф. д-р Димитар Пандев, претседател, д-р Иван Џепароски, член и Славе Ѓорѓо Димоски, член, го издвои награденото дело како пример за постмодернистичка наративна постапка, проткаена со ироничен призвук и сместена во македонски книжевен контекст. На Конкурсот пристигнаа вкупно 62 раскази. Авторот на наградениот расказ, треба најдоцна до 9 август да се јави во Одделението за култура на Општина Охрид, за докажување на авторството со четвртиот примерок, информираат од Општина Охрид.
Наградата на авторот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која ќе се одржи во вторник, на 13-ти август 2024 година во селото Велгошти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива