Охрид, 27. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за внатрешни работи распиша потерница по Горан Грујовски и Никола Бошковски, на кои судот им одреди мерка притвор.
– Вчера, 26-ти јули 2017 година, во 21:00 часот Апелацискиот суд во Скопје до Министерството за внатрешни работи достави наредби за спроведување на Г. Г. и Н. Б. во Истражниот затвор Скопје. Иако телефонски Судот во 17:00 часот го извести МВР дека ќе бидат испратени наредбите, тоа се случи дури во 21:00 часот, кога МВР можеше да постапи согласно своите законски овластувања. Веднаш беше распишана национална потерница со која се спроведоа активности за приведување на осомничените. Tимовите на Министерството извршија проверка на објектите на адресите кои се пријавени како места на живеење на осомничените и проверки на повеќе локации на територијата на Република Македонија, поточно во Скопје, Велес и во Охрид, за кои имаше оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење. Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, МВР, согласно законските надлежности, побара од Судот согласност за распишување на меѓународна потерница и по наредба на Судот веќе е распишана меѓународна потерница за Г.Г. и Н.Б., информираат од МВР.
Од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кратко коментираат дека се реализирале околностите на кои тие предупредувале и поради кои барале притвор и за Грујовски и за Бошковски, но и за останатите обвинети во нивните предмети. Токму можноста за бегство обвинителите ја потенцираа пред судиите како причина да им се одреди притвор на тројцата вработени од УБК обвинети во предметите „Таргет“ и „Тврдина“. (Крај)
извор: плусинфо фото: архива