ноември 5, 2019

Охрид, 5. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид го објави конкурсот за годинашните највисоки градски признанија и награди, што се доделуваат по повод 8-ми декември, празникот посветен на Свети Климент Охридски.

– По повод 8-ми Декември – „Св. Климент Охридски“, градоначалникот на општина Охрид распишува Конкурс за доделување на општинската награда – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ за 2019 година. Наградата се доделува за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за општина Охрид и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Македонија и светот. Право на учество на Конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Во пријавата треба да се достави кратка биографија и образложение за какви остварувања и придонес станува збор. Исто така, кон пријавата потребно е да се достави и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа за која се конкурира, информираат од охридската локална самоуправа.

Наградата „Патрон на градот Св. Климент Охридски“ се доделува на еден добитник само еднаш и истата не може да се дели меѓу повеќе добитници. Конкурсот трае 15 дена сметано од денот на објавувањето. Пријавите кои ќе бидат доставени по истекот на рокот нема да се разгледуваат.

Пријавите да се достават на адреса: улица „Димитар Влахов“ бр. 57, за градоначалник на општина Охрид (со назнака: За Конкурс Општинска награда – Патрон на градот „Св. Климент Охридски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука