Скопје, 1. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза” распиша Конкурс за доделување на државната награда „Мајка Тереза” во 2017 г.
Со државната награда „Мајка Тереза” се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери. Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата.
Државната награда под условите определени во конкурсов може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство. На награден поединец му се доделува: диплома и паричен износ. На секој член на наградена група творци или екипа им се доделува диплома и подеднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета. Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза” изнесува пет (5) просечни месечни плати во Република Македонија исплатени во последните три месеци на тековната година.
Државната награда „Мајка Тереза “ се доделува, по правило, секоја година. Во една година може да се доделат најмногу до две награди.
Иницијатива за доделување на државната награда „Мајка Тереза” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (адреса-улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето. Подносителот на иницијативата мора да го наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон. Текстот на иницијативата (комплетиран) да се достави во 15 примероци, а трудови (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во еден (1) примерок.
Адреса на којашто треба да се достават иницијативите е: Министерство за култура на Република Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза”, ул.„Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 – Скопје, Република Македонија.
Конкурсот трае од денес до 30 април 2017 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива