Охрид, 5. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Периодов продолжува константниот раст на нивото на водата во Охридското Езеро, но и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,53 м.н.в, што е за 12 сантиметри под просекот за јуни (693,65 м.н.в), односно 43 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 17 степени и е за 2,6 степени пониска во однос на јунскиот просек.
И во текот на овој месец продолжува трендот на раст на езерскиот водостој. Врнежите од дожд што ги има периодов позитивно влијаеа на хидролошката состојба на езерото, но сепак недоволно да го достигне просекот за овој период. Од почетокот на месецов нивото е покачено за еден сантиметар, а пак од почетокот на мај досега пораснало за 18 сантиметри.
Во Охрид денес претпладне сончево време со мала до умерена облачност. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд. Максималната температура ќе се искачи до 23. степени.
– Денес и утре во попладневните часови на места ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со поинтензивен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Услови за краткотраен дожд со ретки грмежи ќе има и во следните два дена, а поинтензивни процеси повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР