Охрид, 5. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Кон крајот на 2009 година, во чест на прерано загинатата македонска и балканска ѕвезда Тоше Проески, во 32 населени места во Македонија, беа засадени по 26 јапонски цреши.
Иницијативата беше на ЈП „Македонски шуми“, кое издвои 25 илјади евра.
На локалните власти им беше оставено да го одберат местото и да го уредат просторот со патеки, клупи и канделабри.
Охриѓани за Тоше го одбраа најдоброто место, на Кејот на Охридското Езеро, кај хотелот „Милениум Палас”, и непосредно пред „Холандскиот парк”.
Бројот на дрвјата што беа засадени ги одбележува годините на Проески, кој на 26- годишна возраст загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.
Симболиката на црешите може да се најде и во песната на Тоше „Цреша“, еден од многуте хитови во неговата прерано прекината блескава пејачка кариера, но и во неговата љубов кон ова прекрасно, инспиративно растение.
Секоја, пролет, кога се буди животот и цветаат црешите на Тоше, охригани со задоволство седнуваат на клупите пред алејата со ова украсно дрво, присетувајќи се на прерано починатиот Тоше Проески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива