Охрид, 21. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на ЈП „Охридски комуналец“ изминатиов период се справуваат со расчистување на диви депонии, што благодарение на несовесни граѓани никнаа на повеќе локации.
Последно се интервенираше во селото Љубаништа, а подигната се 12 м³ расфрлана непотреблива покуќнина, зелен отпад и градежен шут.
– Сликите со кои секојдневно сме соочени на секој чекор, во секоја урбана заедница и приградска населба, претставуваат проблем во реализирање на нашите редовни активности. Од непотребната покуќнина и зелен отпад, несовесни граѓани се ослободуваат расфрлајќи го отпадот насекаде, огрдувајќи ги јавните површини и не помислувајќи за последиците и целокупната хаотична слика по околината, велат од претпријатието.
Претходно се расчисти дива депонија во Трпејца, беше подигнат расфрлан кабаст и зелен отпад и градежен шут на просторот на поранешната Касарна, а слична слика комуналните екипи затекнаа и на неколку улици во централното градско подрачје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива