октомври 25, 2019

Охрид, 25. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Мнозинството во Градскиот совет денес го изгласа ребалансот на буџетот со кој конечно се одблокира сметката на ОУ „Григор Прличев“, а се предвидоа и дополнителни средства за рушење на дивоградбите.

Според опозицијата начинот на буџетирање е бесперспективен, посебно поради кратењето на ставките за капитални инвестиции со кои општината требаше да им изелзе во пресрет на барањата на граѓаните и месните заедници.

За прв пат конечно после долго време ќе се одблокира ОУ „Григор Прличев“ што е големо постигнување и ќе може континуирано и непречено да работи, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Мишел Силјаноски.

– Донесена е одлука за исплата на долгот на ОУ„Григор Прличев“ кон доверителот „Моби Петрол“ ДООЕЛ Охрид. Издвоени се средства за набавка на типизирани тезги со кои ќе се изврши унификација. Дополнителни средства во висина од 800.000 денари се обезбедуваат и за ГФК „Охрид Лихнидос“, рече Силјаноски.

Советниците од опозицијата не дадоа поддршка за ребалансот, освен за програмите за спорт, јавна чистота со што се предвидува набавка на возила за чистење на улиците, како и за дополнителните средства за градскиот фудбалски клуб.

– Локалната самоуправа треба да најде начин правилно да ги изменаџира потребите на граѓаните со реалната можност на она што треба да претставува буџет. За разлика од други години годинава имавме исплата на долг, Владата додели 8 милиони евра за раздолжување на општината. 4 милиони евра можеа да се користат за образование, но не искористивме. Добивме потписи од добар дел од директорите од училиштата дека немаат долг вклучувајќи го и ОУ „Григор Прличев“ за кое по трет пат во ребаланс издвојуваме средства за исплата на долг. Со ребалансот дополнително се додаваат 2,5 милиони денари за привремени вработувања во општина Охрид за кои ние сме против. Во време кога имаме преголме број на можеби и нефункционална администрација не гледаме потреба зошто би се додавале тие пари за привремени вработувања, истакна координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Пецаков: Во периодот кој следи ние како град мора да направиме нешто

Иако беше предвидено, на оваа седница по втор пат беше повлечена точката за избор на командир на охридската полициска станица од општа надлежност.

Беа прифатени и одлуките за подигање спомен-обележје формирање одбор и за утврдување локација за градба на спомен-обележје за бродската несреќа со бродот „Илинден“ од 5-ти септември 2009 година. Беа усвоени новопредложените точки за финансиска поддршка на манифестациите „Гастромак“ и „Оhrid Outdoor Festival“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Општина Охрид/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука