Охрид, 10. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Младите стружани Јован Кутаноски, Софија Кутаноска и Стефанија Кутаноска се вистински спортски надежи на Република Македонија.
Иако имаат само по девет години, зад себе веќе имаат врвни успеси. Јован е повеќекратен првак во триатлон, дуатлон и акватлон, додека Софија е вицепрвак во триатлон во категорија девојчиња до девет години, државен првак во акватлон во категорија до девет години и велосипедизам во категорија У13.
Имаат настапувано и на неколку меѓународни натпреварувања. Најнов успех што го постигнаа е титулата Балкански прваци во акватлон односно победници на Балканското првенство што минатиот месец се одржа во Бар, Црна Гора.
Со Јован, Софија и Стефанија поразговаравме за нивните почетоци, желбата за спортување, тренинзите, натпреварите на кои учествувале.
Супер радио: Од каде желбата да се занимавате токму со овие спортови?
Јован Кутаноски: Желбата ми дојде гледајќи го татко ми како тренира други деца, бев присутен на тренинзите и така и јас сакав да се обидам.
Софија Кутаноска: Интересно ни е дека во овој спорт има комбинација од пливање, велосипед и трчање.
Супер радио: Она што е најново кај вас е што сте Балкански прваци во акватлон односно победници на Балканското првенство што минатиот месец се одржа во Бар, Црна Гора. Верувам сте многу задоволни, дали очекувавте?
Јован Кутаноски: Јас не очекував но, кога видов дека можам да постигнам успех, со спринт стигнав до првото место. Имаше околу 20-30 учесници.
Софија Кутаноска: На очекував, отидов на трка дадов максимум и освоив прво место.
Стефанија Кутаноска: И јас не очекував да го постигнам виското второ место, мислев дека конкуренцијата е посилна од мене. Но, сепак дадов максимум и успеав.
Супер радио: Покрај тоа зад вас имате и бројни медали на државни и меѓународни првенства. Кажете ни каде се досега сте настапувале во Македонија и надвор?
Јован Кутаноски: Во Македонија досега сум учествувал на првенства во Дојран, во Струга, потоа учествував на Ohrid Water Festival во дисциплините делфин, грбно, градно и краул и на 100 метри краул, а освоив и прво место во Купот на далечинско пливање во Преспа. Надвор од земјава учествував на натпревар во Раб, Хрватска, на светско првенство во Германија, потоа во Хрватската триатлон лига во Риека, следуваше светско првенство во акватлон во Австрија и ни преостануваат уште неколку трки.
Софија Кутаноска: Имаме учествувано на триатлон, акватлон, дуатлон првенства во Германија, Србија, Хрватска, Црна Гора, а во Македонија на првенства во Охрид, Струга, Скопје, Дојран.
Супер радио: Јован ти си првиот талент поддржан во вториот циклус на кампањата „Вложуваме во млади таленти“. Какво беше чувството кога дозна дека добиваш ваква поддршка и што значи тоа за тебе?
Јован Кутаноски: Не очекував, но кога мајка ми ми кажа дека сум добитник на ваква поддршка искрено се израдував. Тие ми даваат поддршка за да учествувам на натпревари.
Супер радио: Што е најважно за да се биде успешен во спортот, тренизи?
Јован Кутаноски: Најважни се редовни тренинзи, но и ум. Јас интензивно тренирам, во насока да постигнам што поголеми успеси.
Стефанија Кутаноска: Најважни се тренинзите, дисциплина, да си силен, само така ќе успееш.
Супер радио: Дали гледајќи ве вас, ваши другарчиња почнуваат да се занимаваат со овие спортови?
Јован Кутаноски: Да, јас им давам убав пример, некои се одлучуваат за овие спортови, некои не, но сепак се одлучуваат да спортуваат. Постојано кога влегувам во училница другарчињата ме прашуваат како почнав да се занимавам со овие спортови, како одат тренинзите.
Софија Кутаноска: Не гледаат, не следат по социјалните мрежи и прашуваат кога имаме следен тренинг или натпревар. Им даваме добар пример и тие покажуваат желба да се занимаваат со некои од овие спортови.
Супер радио: Сигурно имате планови и за следни првенства, да ни откриете каде ќе учествувате?
Јован Кутаноски: Следно имам натпревар во дуатлон во сабота на 14. октомври во Скопје, сега се натпреварувам во категорија Деца 1, а веќе следната година ќе бидам во категорија Деца 2.
Софија Кутаноска: Следно и ние ќе се натпреваруваме во Скопје оваа сабота, во дуатлон. И ние како и Јован сме во категорија Деца 1, следната година ќе бидеме во категорија Деца 2. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес