октомври 31, 2014

Охрид, 31. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Советот на Општина Охрид на последната седница на усвои предлог-одлуката за прифаќање на иницијативата за изработка на урбанистички план за комплексот „Андон Дуков“.

За комплексот „Андон Дуков“ со површина до 30-тина хектари, во основниот урбанистички план за Охрид кој беше донесен во 80-тите години на минатиот век,  беше предвидена изградба на резиденцијални туристички капацитети.

Според Бранко Арнаудов од Секторот за урбанизам во Општина Охрид, со измените на законот во 2013 година, бидејќи основниот план не беше усогласен со новата законска регулатива, тој план се стави вон сила и во моментов нема никаква урбанистичка планска документација за комплексот „Андон Дуков“.

– Покрената е постапка за урбанизирање на тој простор од 30 хектари . Од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство чекаме пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно бидејќи дел од тој простор со претходниот урбанистички план беше опфатен како градежно, а дел како земјоделско земјиште. Согласно законската регулатива, ние сме должни од министерството за земјоделство да побараме пренамена на земјиштето. По добивањето на пренамената ја отпочнуваме постапката за урбанизација, појаснува Арнаудов.

Како што информира тој, во тек е изработката на ажурирани геодетски подлоги.

– Во тек е изработката на ажурирани геодетски подлоги  и по добивањето на согласнота од министерството и ажурирањето на геодетските подлоги ќе се изготви планска програма која понатаму оди во постапка согласно законот за просторно планирање за донесување урбанистички план вон населено место каде ќе биде предвидена изградба на резиденцијални објекти, вели Арнаудов.

Комплексот „Андон Дуков“ кој што лежи на брегот од Охридското Езеро помеѓу Охрид и Струга, со години наназад е запуштен и оставен на забот на времето. Уништени се и бунгаловите, а грда слика со децении претставува и хотелскиот капацитет на „Меркур“ кој своевремено беше исполнет со туристи, пред се’, од внатрешноста на државава. (Крај/А.Р.)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука