Скопје/Охрид, 11. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со прославувањето на Денот на народното востание на македонскиот народ, денеска се одбележува почетокот на востанието против фашизмот, односно борбата за ослободување на македонскиот народ.
По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор.
И пред 11-ти октомври 1941 година постои вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8-ми септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7-ми октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски- Шовељ, а на 8-ми октомври Трајко Бошкоски- Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.
За почеток на востанието против фашизмот во Република Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11-ти октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа полицискиот участок, втората затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
На 12-ти октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14-ти октомври, а Козјачкиот одред на 17-ти октомври. Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.
Општина Охрид и ОО на Сојуз на борци на Охрид и Дебрца и годинава со пригодни свечености го одбележуваат 11-ти Октомври, Денот на народното востание. Во големата општинска сала вчера се одржа свечена седница на која се обрати градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и претседателот на организацијата Гоце Георгиески, кој хронолошки потсети на најзначајните моменти од Народно ослободителната борба и херојството на македонските партизани.
Денеска од 10:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ во Градскиот парк, пред Основен суд Охрид, во училишниот двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и на Градските гробишта. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива