март 31, 2017

Скопје/Охрид, 31. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Авто мото сојузот на Македонија во соработка со Армијата на Република Македонија денес го одбележува 31 Март, денот на возачите.

РСБСП на почетокот на сезоната за мотоциклисти ги потсетува да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот.

– Да се внимава на правилата за ограничување на брзината и да се користат кациги и останата заштитна опрема за пасивна безбедност. Посебно апелираме до родителите да не подлегнуваат под притисокот и барањата на своите деца, да не им овозможуваат „опасни играчки“ без претходно да им обезбедат основни знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот. Мотоциклистите спаѓаат во групата на учесници во сообраќајот кои најмногу се изложени на опасности во сообраќајот и кај кои ризикот за здобивање на смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок, додаваат од РСБСП.

Според податоците, во 2016 година, од 165 загинати лица во сообраќајни незгоди, 13 биле мотоциклисти и двајца сопатници на мотоцикл. Законските прописи ја предвидуваат обврската за задолжително користење на заштитна кацига, како за возачот така и за сопатникот и непочитувањето на оваа одредба предвидува санкција од 50 евра во денарска противвредност.

– Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач на мотоцикл треба да знае дека движењето во група треба да биде еден позади друг, носењето заштитен шлем на главата за време на возењето на мотоцикл е задолжително за возачот и сопатникот, при вклучување на јавен пат или на друга сообраќајна површина, кога мотоциклистот се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет или ако видливоста му е намалена возачот на мотоцикл тоа треба да го направи со туркање, а не со возење, прецизираат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. (Крај)

извор: ОхридПрес/РСБСП фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука