Ресен, 25. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ресенчанецот Андруш Ангелковски, кој стана популарен во регионот со неговите распеани видео снимки, направени додека вози камион, се наоѓа на интензивна нега на скопските клиники, откако доживеал сообраќајна несреќа со мотор на патниот правец Охрид-Ресен.
Поради тежината и сериозноста на повредите, на Андруш му следел долг период на закрепнување, поради што не ќе можел да работи. Затоа, со цел да му се помогне финансиски, да се платат сметките за лекување, а потоа и за рехабилитација, негови пријатели отворија сметка за донации.
Истата е достапна на платформата gofundme.com, на која може да се донира од странство, а потребната сума која е наведена изнесува 20.000 долари.
Камионџијата стана доста популарен пред неколку години, кога објави видео од кабината на својот камион, додека вози низ Америка, и пее песна од Наум Петрески. Емотивната изведба го привлече вниманието на јавноста, па за името на Андруш набргу се слушна во целиот регион. Потоа, неговите видео снимки со изведби на популарни песни започнаа масовно да се споделуваат на социјалните мрежи, па тој дури и гостуваше на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста” пред неколку години, каде настапи заедно со Наум Петрески. Потоа, двајцата го снимија дуетот „Песна за верни другари”. (Крај)
извор: инфомакс.мк фото: инфомакс.мк