април 25, 2017

Охрид/Струга, 25. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес неформално во Струга почнаа да се собираат потписи за промени во законите за лицата со посебни потреби, додека официјално собирањето на потписите продолжува во наредните денови.

– Со најавите дека иницијативата ќе се прошири во останатите градови, граѓаните самоиницијативно почнаа да собираат потписи. Но, сепак, официјално пултовите за собирање потписи за Охрид и Струга ќе бидат поставени од утре. Исто така веќе се спомнуваат бројки од собрани потписи, но останува да заврши целата акција, па да се знае точно колкава бројка на потписи е собрана, потврдува Горица Поповска, регионален координатор на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

Утре и задутре во центарот на Охрид ќе биде поставен пулт, каде ќе можат граѓаните да се потпишуваат од 10 до 18 часот. Додека во Струга ќе има поставен пулт во чаршијата, кој ќе биде отворен утре, во четврток и петок од 10 до 12 часот.

struga

Акцијата е на родителите на деца со посебни потреби, кои се обидуваат да соберат 10.000 потписи потребни за да се сменат закони и правилници кои ќе обезбедат подобри услови за овие лица и за нивните семејства.

Барањата се однесуваат на измени што се неопходно потребни да се направат во наредните 6 месеци и измени за во наредните 3 години. Како измени неопходни во наредните шест месеци се наведени: за 20 отсто да се зголеми сумата за посебниот додаток за нега на лице со посебни потреби. Лицата со посебни потреби кои се постари од 26 години да се издвојат од возрасните кои примаат туѓа нега. Додатокот за мобилност да не биде ограничен со навршување на возраста од 26 години – овој надомест да зависи од здравствената состојба, а не од возраста. Родител на лице со посебни потреби, кој работи скратено време, прима плата од 4.800 денари. Се бара тоа да се промени во право на надомест на плата на родител на лице со посебни потреби и сумата да не биде помала од половина од просечната плата исплатена во последните шест месеци. Да се коригира Правилникот за ортопедски помагала и тие да се доделуваат во моментот кога ќе бидат потребни, а не да бидат ограничени временски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука