Охрид, 4. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Ненад Ристевски има 24 години и активно тренира бразилска џиу џица.
Со него проговоривме за љубовта кон боречките вештини, за неговите почетоци, учествата на интернационални натпревари, како и плановите за во иднина.
Супер радио: За оние кои не те познаваат, кој е Ненад Ристевски?
Ненад: Јас сум од Охрид, имам 24 години. Член сум на Клубот за бразилска џиу џица Roots BJJ од Охрид. Покрај тоа, активен сум и во единицата за спасување на вода при Црвен крст од Охрид.
Супер радио: Од кога другаруваш со бразилската џиу џица?
Ненад: Бразилска џиу џица тренирам веќе пет години, а со најразлични боречки вештини се занимавам повеќе од 13 години. Најпрво тренирав карате во клубот „Чоле“ од Охрид, се занимавав и со бокс одредено време, а сега веќе последниве години активно се натпреварувам и работам бразилска џиу џица.
Супер радио: Колку е позната, односно застапена оваа вештина?
Ненад: Бразилската џиу џица произлегува од џудото. Како вештина е доста застапена во такаречено сега поново време, млада вештина која сеуште се развива и е во експанзија. Најчесто се работи спортската бразилска џиу џица, тоа значи дека ударите се исклучени. Се работи најчесто на фрлања, борба за позиција и партерна борба, целата контрола на тело, на екстремитети, се` до завршување со некаква полуга или зафат. Борбата некогаш е временски ограничена, некогаш е на поени, но тоа зависи од конкретниот натпревар и категоријата.
Супер радио: Кој се` може да посетува тренинзи за оваа вештина?
Ненад: Секој кој има желба и се чувствува доволно способен може да тренира бразилска џиу џица. Она што можам да нагласам е дека возрасна граница нема. Може да се тренира од 6 години. Во клубот во кој членувам има дечиња на оваа возраст, додека пак горна граница нема.
Супер радио: Каков е интересот кај младите во Охрид за оваа вештина?
Ненад: Во градов конкретно има интерес меѓу младите. Можам да кажам тоа се должи на фактот што се се популарни ММА борбите (мешани боречки вештини), како и UFC (Ultimate Fighting Championship). Бразилската џиу џица е составен дел на тие борби. Голем дел од истакнатите борачи и шампиони имаат искуство со бразилска џиу џица и затоа меѓу младите станува се` пополурна. Тоа е нешто ново, не е како стандардните спортови фудбал, кошарка… Можам да кажам дека е и доста практична, а од атлетски аспект гледано придонесува телото правилно да се развива, да се постигне поголемо ниво на кондиција и физичка подготвеност.
Супер радио: Збор два за твоите досегашни учества на домашни и интернационални натпревари.
Ненад: Имам учествувано на многу натпревари тука во регионот Србија, Хрватска Босна и Херцеговина, Бугарија. Во земјава имам учествувано на државни отворени првенства. Едно од најсериозните натпревари за овој регион се одржа во Загреб, Хрватска, во 2012 година. Тоа беше источно – европско на кое освоив трето место. Учествувам и во ММА борбите, досега сум имал три аматерски борби. Учествував и на познат отворен натпревар во Австрија. Таму го освоив третото место. Бев дел и од отворено првенство во Цирих, но таму не успеав освојам медал. Покрај тоа имам учествувано и на неколку помали натпреварување во Швајцарија.
Супер радио: Кои се твоите идни планови?
Ненад: Па, секако дека продолжувам активно со тренинзи. За претстојниов период веќе се закажани некои првенства во регионов, па се подготвувам за наредни борби. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Ненад Ристевски