Охрид, 3. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од неодамна во Охрид започна да функционира Референтниот Центар „Жан Митрев Клиник“, каде пациентите во Охрид и регионот добиваат канцеларија за здравствена психоедукација со презентации, информации, споделувања искуства поврзани со здравствената сигурност и состојба.
По долгогодишна соработка со светски познатата клиника „Жан Митрев“, препознатлива по врвни достигнувања и признанија во медицината заснована на докази, пациентите во Охрид и регионот добија канцеларија за здравствена психоедукација со презентации, информации, споделувања искуства, размена, поврзани со здравствената сигурност и состојба.
Околу одлуката за отворање на центарот токму во нашиот град и што сѐ ќе им понуди на пациентите разговаравме со психологот Татјана Ристова- Димова.
– Референтниот Центар „Жан Митрев Клиник“ во Охрид е место за градење и негување на превенцијата од разни состојби кои може да го загрозат здравјето, но и поддршка за пациентите кои минуват низ процесот на лекување до степен на оздравување. Работа на континуирана мотивација за активна вклученост во сопствениот третман, односно живот. Задоволството на пациентите од добиената услуга која е во функција на подобрување на нивното здравје или функционалност останува и понатаму наша примарна цел, вели Ристова- Димова.
OhridPress: Од неодамна во Охрид е отворен референтниот центар „Жан Митрев клиник“. Кажете ни точно за што се работи и кои се’ услуги можат граѓаните да ги добијат кај вас?
Ристова- Димова: Канцеларијата „Жан Митрев клиник“, како референтен центар има неколку цели. Прво, да биде достапна и пристапна за сите заинтересирани граѓани кои сакаат да добијат било каква информација. Впрочем, така и се дефинира еден референтен центар. Значи, неговата задача е да има презентации, да има предавања и меѓу другото, третманот на специфики кои вообичаено не се третираат на друго место. Токму затоа, за сите заинтересирани пациенти е отворена референтната канцеларија на Жан Митрев клиника. Таа е непрофитабилна по своето функционирање и тука сме да ги доближиме во сите фази, започнувајќи од дијагностицирање, преку третман и лекување, до процесот на рековалеценција, потребите кои ги имаат граѓаните, дали во период кога им треба само информација, или пак во делот кога сакаат да поразговарат за нештата кои им пречат и им предизвкуваат дополнителни тегоби или пак се усложнуваат и на тој начин ја усложнуваат и целата здравствена состојба. Што сакам да кажам? На пример, на почетокот на 2002 година, во тогашната „Филип Втори“, кога ја изготвивме првата верзија на програмата за подготовка на пациентите и семејствата, бевме специјализирана болница за кардиохирургија, по што се основаше и одделот за психологија и психотерапија во кој пациентите и нивните семејства се подготвуваа за целиот процес кој треба да доведе до нивно излекување, односно надминување на болеста. Отворени сме за сите пациенти кои имале интервенции и за сите останати кои би сакале да добијат информација и да го олеснат нивниот процес на зајакнување на здравствените капацитети и негување на нивното здравје.
OhridPress: Станува збор за клиника позната во светски рамки, која е етаблирана и препознатлива со врвни достигнувања и признанија. Како дојде до соработаката и одлуката да се отвори овој центар во Охрид?
Ристова- Димова: Охрид е град кој е колевка на нашата писменост и од друга страна, да се изразам послободно, едно просветлување на нашиот народ, затоа што писмеността тргнува оттука. Понатаму, Охрид е место во кое што без исклучоци доаѓаат луѓе од целиот свет. Ако Охрид е едно такво место на здружување и подавање рака, зашто не би било и местото од каде и ние ќе почнеме да се препознаваме. Во склоп на сето тоа и придонесот кон подобрување на квалитетот на живот е и програмата за втемелување, етаблирање и развивање на здравствениот туризам. Сега и овде можеме да покажеме што е навистина најдобро и во рамки на нашиот здравствен систем, затоа што веќе постои толку години и постигнува врвни резултати во светот. Од тие причини испаќаме јавен повик до сите кои пројавуваат интерес за било која дилема во однос на тој дел, слободно нека се јават на нашиот телефон, нека дојдат канцеларијата во центарот на Охрид, која е отворена токму за нив. Телефонскиот број 071/313-301 е отворен, слободно нека се јават, да поразговараме за нивните проблеми и каде можеме, како референтен Центар да помогнеме. Тука секако се и двете дијагностички клиники на Жан Митрев, едната во Битола, која е географски многу блиску до Охрид, и во Струмица, каде исто така има дел од процедурите и дијагностиките.
OhridPress: Кој се може да се обрати во центарот од овој регион на државата?
Ристова- Димова: Треба да не ги запознаеме сите дека Македонија има на располагање една ваква клиника во која, освен се’ друго, еве сега го промовира и својот институт за естетика, каде што има многу производи, многу услуги што може таму да се направат, особено за една зрела популација да биде уште позадоволна, уште посреќна, како популација која дошла да ја види нашата земја и престојува во Охрид. Сега може да ги искористи услугите за ревитализација. Наједностано, овие се меѓу сите други услуги кои во мементов се на располагање.
OhridPress: Болестите поврзани со срцето се многу чести, за жал Република Македонија е земја со многу висок ризик за кардиобаскуларни заболувања. Кажете ни, имате ли некои обшти совети во вид на превенција за граѓаните?
Ристова- Димова: Суштината на нашата канцеларија е и превенцијата. Меѓу другото, не постои наука која може во најопшти рамки да го реши животот со некоја формула за среќа и здравје, бидејќи сите сме различни, со различни можности, способности, умеења и вештини. Една од примарните цели на референтниот центар е како да ги поттикнуваме граѓаните, да ги мотивираме да бидат дел од решението, а не од проблемот. Да бидат активни, со проактивен однос кон себе. Што значи превенција? Некогаш превенцијата може да биде и во терцијарна фаза, прифаќањето и адекватното однесување со модалитети кои спречуваат понатамошен ризик, е исто така превенција во една фаза од животот. Има состојби на заболувања кои не се решаваат со тип на лек или вакцина. На многу работи и не сме имуни како луѓе, но да го развиваме нашиот здрав капацитет, нашиот дел од континуираниот раст и развој, кој ќе биде во првите борбени редови, будејќи го нашиот имунолошки систем. Тоа значи да бидеме адекватни во изборот на исхрана, да бидеме адекватни во изборот на активностите кои што не прават активни, дали е тоа некој спорт, дали е тоа некоја активност која значи наше ментално раздвижување, дали е тоа некоја активност која ја правиме континуирано или парцијално, мора да биде адекватно приспособена на нашата возраст и на нашите способности. Многу е важен балансот што ние го изучуваме во рамки на таа позитивна психотерапија, кој треба да го воедначува она што сакаме, она што можеме и нашиот баланс на позитивното одржување во секојдневното битисување и активностите кои што планираме да ги направиме за да се заштитиме и да го развиваме нашиот капацитет. Секако, тука се сите ризици, алкохолот, зависноста од технологијата, зависностите на модерното време кои се дополнителни тегови во однос на оној дел што значи скелетно-мускулен систем.
OhridPress: Светскиот ден на срцето секоја година се одбележува на 29-ти септември. Како го одбележавте и со која активност?
Ристова- Димова: За среќа, и покрај краткото време, ние отворивме на 15-ти август, меѓутоа официјално започнавме некаде од 1. септември, успеавме да оствариме соработка со Црвен Крст Охрид. Изминатиот викенд се одржа настан во центарот на Охрид, преубав со преубава порака, и преку соработката со нив успеавме да обезбедиме наш штанд за да ги запознаеме граѓаните на Охрид и да се вклучиме во дел од активностите. Имаше многу спортски натпревари, ги поддржавме децата кои искрено и од срце навистина даваа се’ од себе. А дали има поголема среќа од тоа да бидеме здрави? Се’ на светот можеме со материјалниот дел да го исполниме. Меѓутоа, она што значи духовно, кога сме празни, кога емоционално страдаме, кога дополнително се чувствуваме загрозени, или со одредена болест со која сме соочени, тогаш навистина нема подобро од негувањето на тој концепт за среќно детство. Знаете, јас често пати во разговорите го спомнувам Фројд со неговата изрека дека детето е татко на човекот. Да го негуваме тоа среќно детство, за и во иднина да имаме што посреќни, посигурни личности, вградени во нашиот заеднички систем.
OhridPress: Како можат охриѓани, но и сите заинтересирани од регионот да ве контактираат?
Ристова-Димова: Канцеларијата на референтниот центар „Жан Митрев клиник“ во Охрид се наоѓа на улицата „7-ми Ноември“, број 27, на првиот кат влез 1. Телефонот е 071/313-301, на кој можете да не контактирате за сите дополнителни детали. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Be1 Digital Marketing