Скопје/Охрид, 18. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Се прави ревизија на големиот пливачки базен во Охрид. Според проценките на Министерството за спорт, завршени само 20 до 30 отсто од градежните активности, изјави министерот за спорт во Владата на Република Македонија Борко Ристовски.
– Скоро сите базени се завршени околу 20 до 30 отсто. Можам да најавам дека ќе се направи комплетна ревизија, па после ќе носиме одлуки. Да направиме една линија, да видиме што е сработено, дали правилно е сработено, па потоа. Но, нешто што е започнато не можеме да го вратиме назад, ќе го завршиме. Меѓутоа, мора да напоменам тоа ќе биде по завршувањето на ревизијата, напомена Ристовски.
За време на неговата посета на Охрид, во јули годинава, тој ја најави ревизијата која треба да покаже дали има можност за кривична пријава. Напомена дека ќе се прекине договорот со економскиот изведувач на затворениот пливачки базен во Охрид и најави дека ќе се прави нов проект за изградба на сала, бидејќи, според него, постоечкиот е стар и оти е потребна нова проценка колку би чинело завршувањето на затворениот базен.
– Ќе почнеме во најбрз можен рок ревизија, парцијална само за базенот за да не ја закочиме целата процедура за побрзо отпочнување на градбата. Ревизијата ќе покаже дали има можност за кривична пријава. Доколку ревизијата утврди има можност за кривична пријава бидете сигурни дека ќе има. Состојбите кои беа тогаш и кои што се денеска не се исти. Мора да се направи нов проект, нова процена колку ќе чини завршувањето на базенот во Охрид. Она што јас може да го кажам е дека министерството и јас лично ќе се залагаме за што побрзо да почне со довршување на базенот, затоа што Охрид заслужува базен. Охрид заслужува да не се оставаат спортските објекти на пола повеќе од четири-пет години ништо да не се чепне. И затоа во најкус можен рок ќе направиме нова проценка, нов проект и кон крајот на летото ќе пристапиме кон избор на нов економски оператор, кој ќе ја продолжи изградбата на базенот и во најбрз можен рок ќе го завршиме, изјави тогаш Ристовски.
Затворениот базен во Охрид започна да се гради во 2015 година, од страна на фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Почетокот на градежните работи беше означен на 12-ти ноември 2015 година, во присуство на тогашниот премиер на Република Македонија Никола Груевски и градоначалникот на Охрид, д-р Никола Бакрачески.
Првичниот договор предвидуваше овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година. Потоа како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 година.
Станува збор за проект кој е ветување за охриѓани веќе неколку децении наназад. Според најавите затворениот пливачки базен ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и VIP ложа, како и помошни простории со Спа и Велнес центар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива