Роботот Dj Алшар на охриѓанецот Анис Сефиданис е помеѓу 5-те иновации кои ја одбележаа 2024 година според Bloomberg Adria
јануари 2, 2025

Охрид, 2. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Роботот Dj Алшар на охриѓанецот Анис Сефиданис е помеѓу 5-те иновации кои ја одбележаа 2024 година според Bloomberg Adria.

Првиот македонски хуманоиден робот диџеј, кој и во димензиите потсетува на човек, во септември минатата година го имаше својот прв настап во еден познат охридски клуб, а веќе „планира“ и следни ангажмани.

Дизајниран е да генерира авторска музика со помош на вештачка интелигенција. Изработен е од метал и пластика, користени се 3Д-печатачи и CNC-машина, а специјално за него е креирана и облека. Во градењето на овој изум се користени најнови технологии. Горниот дел од торзото е создаден според урнекот на Inmoоv, на кој се додадени дополнителни модули и сензори за негова поефикасна работа.

– За контрола на серво-моторите и другите компоненти од мехатрониката, користиме RaspberryPi и Arduino, две технологии со отворен код. Софтверот е целосно изработен од наша страна во програмските јазици Python и C, раскажа претходно за Bloomberg Adria неговиот креатор, универзитетскиот професор Анис Сефиданис.

Со помош на сензорите, роботот се обидува да го разбере контекстот во кој се наоѓа и притоа да одговара на прашања и наредби зададени од луѓето. Влезните барања може да бидат усни комуникации или, пак, визуелни (гестикулации и симболи), а излезните резултати се одговори дадени преку синтетизиран говор, активности за извршување одредено движење на дел(ови) од телото, манипулација на објекти и слични перформанси. (Крај)

извор: Bloomberg Adria фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука