Скопје/Охрид, 4. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – По повод Светскиот ден на учителот, денеска беа доделени признанија на најдобрите наставници во предучилишното, основното и средното образование во претходната учебна година, во организација на Сојузот на просветни работници.
Признанијата во предучилишно образование ги добија Роза Костеска од детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид и Татјана Михајловска од детската градина „Раде Јовчевски- Корчагин“ во Скопје.
Најдобри одделенски наставници се Станче Штерјовска од ОУ „Крсте Мисирков“ во Куманово и Виолета Петковска од ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.
Во предметната настава, признанието го добија наставничката по музичко образование Ана Цунева од ООМУ „Боро Џони“ во Струмица и наставничката по биологија Олгица Бајалџиева од ОУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје.
Најдобар наставник во средно образование е Наташа Божиновска од СЕТУГС „Михајло Пупин“ во Скопје, додека пак, најдобри наставници од заедниците се прогласени Хатиџе Топали од ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ и Валентина Каранфиловиќ од СОУ „Гоце Делчев“ во Куманово.
Честитајќи им на наградените, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека учителите, наставниците, професорите се оние на кои им ги доверуваме нашите најмили за да ги научат да бидат добри, чесни и вредни, да им ги отворат вратите на знаењата и науката и да ги подготват за времето што доаѓа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: МОН