август 8, 2017

Охрид, 8. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Националниот театар „И.Л. Карагиале“ од Букурешт синоќа во предворјето на црквата „Света Софија“ го приреди концертното шоу „Меџик Нешнл“ за публиката на фестивалот „Охридско лето“ а во режија на познатиот романски актер и режисер Јон Карамитру.

Наместо со маски, актерите од овој театар, со песна, музика и танц, речиси два часа ја забавуваа публиката одделувајќи ја од секојдневието и носејќи и една уметничка одисеја со ретро провејување, но во современ ритам. Хемијата помеѓу главните на сцената и тие што ракоплескаа особено дојде до израз во втората половина од концертното шоу кое донесе брз и ведар ритам.

Медеа Маринеску е една од актерките што синоќа остави силен впечаток. Таа беше задоволна од настапот пред охридската публика, но и воодушевена од амбиентот во кој се одржа шоуто.

– Овој вид перформанс магично се вклопи во амбиентот каде што настапивме. Првпат играме на отворен простор, па така пред да настапиме се прашувавме како ќе изгледа сето тоа на сцената. Кога го изведуваме ова шоу во Романија, публиката пее и рецитира со нас. Овде, публиката не го разбира романскиот јазик, но затоа таа „тргна“ кога тргна и музиката и ритамот. Иако имавме многу текст на романски, сепак мислам дека публиката разбираше по нешто, изјави Маринеску.

Актерката Ајлин Кадир на сцената долови нишки од букурешките романси,  пренесени на нејзин автентичен и мистериозен начин.

– Местото каде што настапивме е најсоодветно за ова концертно-шоу. Многу е поразлично шоуто кога го играме во нашиот театар. Едноставно атмосферата овде е прекрасна заради архитектурата и самата местоположба на црквата. Иако проектот го играме веќе две години, настапот во Охрид беше поразличен. Инаку сум првпат во Охрид и на „Охридско лето“, но слушнав за градот и фестивалот минатата година од моите пријатели од „Арт Оркестра“. Ми раскажуваа многу убави нешта за Охрид во кои сега и самата се уверив, рече Кадир.

На синоќешното концертно-шоу, актерите Едуард Адам и Лари Гиоргеску раскажуваа приказни за животот и уметноста, но не со зборови, туку со пантомима, импровизација и интересна кореографија.

– Местото каде што настапивме, црквата „Света Софија“ ни даде силна енергија, но и нешто ново во нашата игра. Многу ми е жал што немаме многу време да останеме и да бидеме дел од публиката на фестивалот, па да размениме и мислења со колегите од различни земји, рече Адам.

Музичко изненадување на концертното шоу „Меџик Нешнл“ на Националниот театар „И.Л. Карагиале“ од Букурешт беа и најмладите членови кои придружени од дузина инструменти на сцената го доловија највеселиот и најритмичкиот дел од концертот. (Крај)

извор: Охридско лето фото: Охридско лето

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука