Охрид, 8. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Членови на Ротаракт Клубот Охрид и на Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“, одржаа работилница со ученици од трета година во Средното Стручно Општинско Училиште „Св. Кирил и Методиј“, во пресрет на 10-ти декември, меѓународен ден на човековите права.
– На работилницата, учениците имаа можност да се запознаат со принципите на општествена одговорност на Ротари и Ротаракт Организациите, како и да научат нешто повеќе во однос на нивните права, но и обврските кои произлегуваат од нив. Преку креативна работа во групи, учениците работеа на идентификување на правата кои ги имаат и ги немаат, како тие би се поставиле во улога на родители во иднина, кога ќе станува збор за нивните деца и воопшто за нивното можно вклучување во процесот на носење општествени одлуки, како и за тоа како да идентификуваат и да пријават прекршување одредено право. Генералниот заклучок на крајот на спроведената активност беше дека помеѓу учениците се потребни повеќе активности од ваков вид и дека и покрај предизвиците на модерното време, во многумина од нив се кријат успешни идни лидери и носители на високи општествени одговорности, информираат организаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива