Скопје/Охрид, 29. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, до сите граѓани на Република Македонија, учесници во сообраќајот, поради продолжениот празничен викенд, упатува совети.
Освен редовната пролетна проверка на возилото, од РСБСП апелираат до тие кои што сѐ уште немаат направено замена на зимските гуми, да го направат тоа веднаш.
Има посебни препораки за сите оние кои патуваат на поблиските излетнички места. Во тој случај, граѓаните најчесто ги користат локалните и регионалните патишта и треба да имаат во предвид дека освен возила, на овие патишта има голема фрекфенција на велосипедисти, мотоциклисти, но и пешаци.
На овие патишта, не ретко се среќава и движење на животни. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира за внимателно управување на возилото, особено низ населените места и прилагодување на брзината кон условите на патот.
– Неизоставен дел од првомајските прослави е алкохолот. Младост е да се напиете, но лудост е да возите пијани. Треба да се запамети, управувањето моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. И една испиена чашка алкохол влијае на вашите возачки способности. РСБСП постојано советува и апелира за одговорно возење без консумирање алкохол. Наша должност е повторно да ги потсетиме сите млади луѓе: бидете одговорни за вашиот живот, но и за животот на останатите учесници во сообраќајот. Грешките не можат да бидат исправени, се препораките на Републичкиот совет за безбедноста во сообраќајот.
РСБСП советува да се испланира патувањето, а возачите да возат одморени. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива