Охрид, 29. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска сите да ги помилуваме нашите срца и да испратиме здрави пораки за Светскиот ден на заштита на срцето, истакна во име на новоотворениот Референтен Центар „Жан Митрев Клиник“ во Охрид, Татјана Ристова Димова.
– Верувам дека секој од нас знае дека и месецот кој е пред нас – октомври носи значајни денови во однос на здравјето – денови на старите и изнемоштени лица, превенција на пациентите од канцер на дојка. Да дадеме максимум како луѓе и граѓани кои го креираат својот живот да бидеме што поактивно вклучени во се’ што значи заштита и поддршка на нашето здравје, потенцира Ристова Димова.
Таа потенцира дека е многу важно колку сите сакаме квалитетен живот, и колку понекогаш ни треба некој да не ислуша и упати.
– Следејќи ги сите наши истражувања, клиниката „Жан Митрев“, со својот лидер, академик д-р Жан Митрев поддржаа отворање на еден ваков Референтен Рентар. Изборот на Охрид не беше случаен, затоа што станува збор за колевка на нашата писменост и култура. Програмските цели на Центарот се свртени кон задоволството на пациентите, превенцијата и следењето на нивниот проблем од тегоба до решение. Многу важна улога на Референтниот Центар е поддршката на пациентите кои веќе се определиле за некоја дијагностичка процедура и оперативен зафат да дојдат и да работат на себе за надминување на овој стрес кој сам по себе го става организмот во позиција на многу размисли и прашања и подготвеност да се соочи и разреши здравствениот проблем. Токму од овие причини програмата која ја развивавме цели 8 години во тогашната „Филип 2“, сега осовременета и направена во пошироки рамки затоа што кардиохирургијата се прошири со многу одделенија. Од дијагностика, магнет, компјутер, Институт за естетика, офталмологија, стоматологија… Минатата недела беше отворено и гинеколошко-акушерското одделение во Скопје, кое полека и сигурно ќе се етаблира во центар за планирање на семејството, кој ќе може да даде и во дел на дијагностика, третман и планирање на семејството. Се’ што е потребно во овој аспект на здравството, истакна во име на центарот Татјана Ристова Димова.
Таа додава дека академик д-р Митрев го отворил и поддржал Центарот во Охрид и ја одобрил програмата со овие аспекти за работа.
– Основната цел со психоедукација во Референтниот Центар „Жан Митрев Клиник“ во Охрид е да го подобриме квалитет на живот на сите граѓани во Република Македонија. Програмата за психоедукација и поддршка на пациентите ја започнавме во 2002 година како поддрршка за семејствата. Од сето тоа произлезе оваа програма. Канцеларијата е непрофитабилна и за било која услуга им стоиме на граѓаните да го слушнеме нивниот проблем, да помогнеме, ако е потребен разговор околу одредена проблематика. Важно е пациентите да продолжат понатаму со нормален живот и да ги мотивираме да бидат дел од сопствениот третман и од решението, а не дел од проблемот, потенцира Ристова Димова.
Референтниот Центар „Жан Митрев Клиник“ во Охрид има седиште на улицата „7-ми Ноември“ бр. 27/1/1, А телефонот за дополнителни информации е 071/313-301. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес