Струга, 21. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Саво Крстаноски е роден 1984 година во струшкото село Подгорци, и уште од мал е голем вљубеник во природата, вклучувајќи ги и лековитите билки.
Од најрана возраст собира лековити билки со помош на неговиот татко кој го упатува во нивно распознавање, собирање, чување, комбинирање и употреба.
– Како што одминуваа годините и растеше интересот за лековитите билки, започнав да се служам и со литература од многу познати личности кои најголемиот дел од својот живот го посветиле во собирање, истражување, комбинирање на лековитите билки, како што е примерот со една од најдобрите, ако не и најдобрата книга во нашите пошироки простори „Лечење билјем“ од доктор Јован Туцаков. Од секогаш во нашиот дом имавме околу четириесетина врсти на лековити билки кои ги употребувавме секогаш кога ќе имавме некој здравствен проблем, додава Крстаноски.
Најголемиот дел од лековитите билки ги собира на планината Јабланица која изобилува со многу разновидни лековити билки кои доколку правилно се користат, можат да помогнат и потполно да одстранат многу здравствени проблеми. Саво своето слободно време многу често го поминува во природа, шетајќи и собирајќи лековити билки, посебно во текот на пролетните, летните и есенските месеци. Природата ја посетува и во зимските месеци, иако во тој период речиси и да нема билки за собирање.
Покрај собирањето на лековити билки, Саво повеќе од 10 години чува 10 – 15 пчелни семејства и има природен убав мед за своите потреби, а понекогаш останува нешто и за неговите пријатели. На околу 300 метри квадратни одгледува домашни органски произведени зеленчуци за своја душа, без притоа да користи било какви хемиски средства.
По занимање е професионален возач и често патува во Македонија и соседните земји како Албанија, Србија и Грција, а понекогаш и во подалечните европски земји како Австрија, Чешка, Италија и други. Многу често знае и рекреативно да планинари и веќе посетил многу планини низ Македонија со своите другари и пријатели Жанко, Оливер, Младен… Понекогаш знае да вози и велосипед, слуша убава македонска народна музика и добро свири на традиционален македонски тапан и тарабука.
Мечкиниот лук е неправедно запоставен
Од дамнешни времиња е познато за благотворното делување на лековитите билки врз човековиот организам. Луѓето одамна ги распознавале и континуирано ги користеле, како за превенирање, така и за лекување на одредени болести и состојби со голема ефикасност и најважно од се’ на сосем природен начин. Со напредокот на современата медицина, неоправдано, но за жал многу од лековитите билки се запоставени и свесно или несвесно се потценува нивната лековита моќ врз нашите органи и целокупниот организам. Сепак, во последно време, се’ повеќе луѓе се одлучуваат на природен начин да ги рашавват своите здравствени проблеми, во комбинација со промена на лошите животни навики.
– За лековитите билки и нивните бенефити во минатото, многу се пишувало и раскажувало, а нивната примена била секојдневие. Една од многуте лековити билки која е неоправдано запоставена е дивиот лук, попознат уште како Мечкин лук или сремуш, вели Крстаноски, кој долги години е познавач и собирач на повеќе од 50 видови лековити билки меѓу кои и дивиот лук (Allium ursinum).
Дивиот, односно Мечкиниот лук има специфичен мирис и вкус, кој во голема мера потсетува на домашниот култивиран лук, со таа разлика што кај сремушот една од компонентите која му дава голема лековитост Алинот го има во многу поголема концентрација во однос на домашниот лук. Содржи високи дози на витамин Ц, аденозин, каротен и многу други составни компоненти, корисни за човечкиот организам. Мечкиниот лук е најдобро да се користи свеж во вид на салата во комбинација со глуварче, зелка, патлиџан и во многу други комбинации со органско произведени зеленчуци. Релативно краткиот период на застапеност во природата, бара и дополнителни начини за подолгорочно чување и користење на дивиот лук во текот на целата година, како би можеле да ги користиме бенефитите од сремушот.
Крстаноски вели дека еден од подобрите начини, ако не и најдобар е тинктурата од Мечкин лук која се изработува на самото место каде што го собираме дивиот лук.
– Тинктурата е доста стабилна и има долг рок на траење. Ги содржи во себе сите лековити компоненти кои ги содржи сремушот, лесна е и безбедна е за користење. Може да ја користат потполно здрави лица за подобрување на севкупното здравје и зајакнување на имуниот систем, исто така е одлична да се користи кај лица што имаат покачен крвен притисок, покачени триглицериди и проблеми со желудникот. Им дава еластичност на крвните садови, го зајакнува срцевиот мускул, ги чисти цревата од паразити, добар е против габични инфекции, ја раствора насобраната слуз во белите дробови, го детоксицира организмот од насобраните токсини при користењето на алкохол и пушењето цигари. Многубројни се придобивките од сремушот, потенцира Крстаноски.
Мечкиниот лук е застапен на повеќе места низ Македонија, на различна надморска височина со различен период на вегетација. Во природата е застапен од март, април, се до мај.
– Најдобро е да се собира додека не процвета, по убаво време, полека и без брзање, лист по лист, за да не собереме некоја билка која е многу слична на сремушот, како што е мразовецот или козлацот, кои растат во непосредна близина на дивиот лук и содржат отровни компоненти. На тој начин би го минимизирале ризикот од собирање и користење на отровни билки. Излезете и прошетајте низ природата во овие убави пролетно-летни денови, соберете од лековитите билки кои ги нуди нашата преубава Божја градина и имајте ги во вашата куќна аптека. Во периодов што следува може да собирате: див лук – сремуш, мајчина душичка, цвет од бозел, лист и цвет од глог, црвен кантарион – кичица, пчелинок, нане, ајдучка трева, диво нане, камилица, невен, коприва, гавез, тегавец, пелин, гороцвет, подбел, рузмарин, дивизма, лист од диви јаготки, цвет од костен, цикорија и многу многу други лековити билки, апелира Крстаноски.
Можете да го контактирате на неговиот профил на Facebook и во групата Lekoviti Bilki. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива