јули 24, 2017

Охрид, 24. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – По извонредниот џез викенд, вечерва два концерти во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Од 20:30 часот во црквата „Св.Софија“ ќе настапи саксофонскиот квартет „Сигнум“ од Германија.
„Сигнум“ го сочинуваат четворица млади уметници за кои критиката вели дека во својата музика носат смеса на мажевност и сензитивност.

Тие се академски музичари дипломци на музичките универзитети во Келн, Виена и Амстердам, со бројни награди и настапи на повеќе фестивали и престижни сцени низ Европа.Свирејќи главно без ноти пред себе, тие спонтано се наметнуваат на публиката, во линија со самата музика што ја изведуваат. Вечерва ќе изведат дела на Равел, Шостакович, Гершвин, Барбр, Пјацола, Корија, Зарвос.

На сцената Долни Сарај пак, од 22:00 часот концерт ќе одржи „Гоце Стевкоски септет“.
Гоце Стевковски, низ годините се филтрира како еден од најистакнатите македонски тапанари и перкусионисти. Публиката го памети по соработката со Кирил Џајковски, „Леб и сол“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Проект жлуст“, „ДНО“, Коџабашија, „Фолтин“, Бодан Арсовски и Езгија оркестра, „Шаревски Квартет“, Зоран Маџиров и останатите.

Goce Stevkovski

Стевковски во 2013 година се издигнува на повисоко ниво компонирајќи го својот деби албум насловен „7 Stories“ заедно со повеќе етаблирани македонски музичари во проектот едноставно именуван „Гоце Стевковски септет“.

Стевковски досега учествувал на голем број интернационални фесивали како што се „Егзит“, „Пиво фест“ во Белград, „Грин фест“ во Инџија, Загреб, „Умбрија Џез Белград“, „Клузоне џез фестивал“ Италија, Париз – Франција и други фестивали низ Европа, настапи во „Опера хаус“ Канада, има соработувано на голем број на проекти и работилници, театарски претстави и филмска музика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука