март 24, 2017

Скопје, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Според информациите со кои располага тимот на проектот „Градење капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија“ во 2015 година само 49 лица со хендикеп завршиле високо образование, 5 станале магистри, а не е забележан ниту еден случај на успешно завршени докторски студии.

Проектот е поддржан од ЕУ, а спроведуван од Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп. И покрај фактот дека школувањето во Македонија за лицата со прв и втор степен на инвалидност е бесплатно и истото е покриено од Буџетот на Република Македонија бројките на лица кои завршуваат соодветно образование е исклучително ниска.

– Законот за високо образовниот процес на студентите со посебни потреби им овозможува низа на поволности и олеснувања за студирање како што се бесплатна партиципација, право на редовно студирање, користење на сите услуги утврдени според студентскиот стандард и многу други но и покрај овие позитивни страни сепак бројот на лица кои се образуваат е доста низок. Знаејќи дека високото образование го трасира патот до побрзо вклучување на пазарот на трудот, очигледна е потребата од поголем интерес на надлежните за оваа состојба и превземање на конкретни мерки, укажуваат од проектниот тим.

Доказ дека можеме подобро се и позитивните практики кои ги следат земјите членки на ЕУ кои подразбираат: 100% генерална обврска од земјите членки на ЕУ за прилагодување на училиштата и образовните установи според потребите на лицата со посебни потреби. 94.7% од државите членки на Европска Унија имаат прилагодувања согласно со специфични барања кон лицата со посебни потреби.

Превземањето на оваа мерка подразбира и логистичко архитектонски промени на универзитетите, поголема достапност и прифаќање од професорите и образовните институции и намалување на психолошките бариери. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука