февруари 16, 2015

Охрид, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Надлежните го санираа потпорниот ѕид кај црвата „Света Богородица Пандонос“ во Охрид кој беше оштетен заради обилните врнежи од дожд и снег .

Жителите кои живеат околу црквата која се наоѓа на улицата „Кузман Капидан“ над Античкиот театар, велат дека одамна апелирале да се преземат мерки за санација зашто постои опасност од негово уривање. Малиот православен верски храм „Света Богородица Пандонос“ е изграден на темели од стара средновековна црква. Во внатрешноста постои фрескоживопис само на олтарниот дел, а тоа е фреската на Пресвета Богородица, патронот на црквата.

Одроните се честа појава во стариот дел на Охрид. Пред неколку години падна огромен одрон од карпата над Куќата на Робевци. На удар на временските прилики е и бедемот „Долни Сарај“.

И жителите од месноста Канео која лежи под карпите, повеќепати низ годините самоиницијативно отстрануваа камени делови од карпата која виси над нивните куќи.Тие велат, одроните не се толку чести, но сепак се непредвидливи и можат да го загрозат животот на граѓаните. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука