Охрид, 26. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават Денот посветен на Светата великомаченичка Злата Мегленска.
Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа. Кога еден од нив ѝ нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“
Тогаш дојдоа нејзините родители и ѝ рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините. Но витешката душа на Св. Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици.
На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка Богородица, а браќа и сестри-светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата. Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ѝ даваше сила во страдањето. На крајот ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња.
Така оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива